Тест Peugeot 308 1.6 BlueHDi 100 Active- Вистински компакт за комфорно возење

181

Францускиот производител неодамна го освежи добро-познатиот 308, му даде нов лик и неколку нови технологии, а ние поминaвме неколку дена токму со подновениот хечбек!

Фото: Инес Ристовиќ

Компактниот „лав“ на Французите Peugeot 308 е познат и одлично прифатен автомобил како од купувачите во Европа, така и на нашите простори.

Тековната генерација на 308 освојува со својата појава, квалитетот, прецизноста и  рафинираноста во изработката, минималистичкиот пристап во внатрешноста, комфорот и економичноста.

Французинот, со направените освежувања, другаруваше со нас неколку дена и само ја потврди позитивната слика што ја имавме за него во однос на комфорот, практичноста и задоволството во возењето.

Гледано однадвор ја забележуваме изменетата – редизајнирана предница, со поголеми отвори за воздух и пониско постабени предни светлосни групи, што допринесува за подинамична појава, а привлечни се и елементите во стилот на новиот дизајнерски јазик на брендот, во предната маска на ладилникот,  иницирани од SUV моделите 3008 и 5008.

Страничните линии се непроменети, а тоа е добро бидејќи се соодветни на елегантната, а спортска појава на автомобилот.

Одзади се забележува обновениот заден браник и задни светла со поизразито тродимензионална графика, што делува, мора да се признае поатрактивно и подинамично, особено ноќе.

Констатација дискретни зафати што придонесуваат за посвеж, подинамичен и повпечатлив изглед.

Освежувањата следат и во внатрешноста, што останува пространа, функционална и комфорна, а подобрувањата се отсликуваат во поквалитетните материјали и освежените инструменти.

Препознатливиот, веќе заштитен знак на марката, мал управувач што предизвикува поларизирани чувства, е поткрепен со минималистичката концепција на Компанијата, надградена со едноставниот пристап на нештата.

Инструментите се прегледни а поставеноста над управувачот е потег што ни се допадна веќе од појавата на моделот (интересен детал е движењето во обратна насока на стрелката што го покажува бројот на вртежи), а на централната конзола доминира мултимедијалниот уред од каде се контролираат сите функции во автомобилот: нагодувањата околу автомобилот, климата, радиото….

Задржан е францускиот шарм, со нота на модерни и елегантни црти што помагаат автомобилот да ја задржи актуелноста и конкурентноста на пазарот.

Веќе рековме дека Peugeot 308 освојува со пространоста, а доволно место и на седиштата назад, додека багажниот простор е импресивен за класата со капацитет од 420 l, a со преклопување на задните седишта капацитетот се зголемува на дури 1228l.

Пространоста е облагородена со комфорот, типично во француски стил Peugeot 308 едноставно минува преку нерамнините и дупките, со кои се опсипани нашите патишта, на најмек можен начин, не нарушувајќи ви ја удобноста и уживањето во возењето, до вас не допираат вибрации, или подобро кажано. нивното пренесување е минимизирано.

Особината на 308 да се навалува малку повеќе во свиоци од своите конкуренти останува, но сепак Французот нуди, за класата, најодмерена комбинација на комфор и динамичност во возењето.

На отворен пат лесно едри со брини од 120 – 130 km/h а во кабината е пријатно тивко, одлична изолација.

Свиоците ги совладува удобно со мали отклонувања, а во град е прегледен и лесен за маневрирање.

Единствено ќе забележиме на подолгиот од на рачката од менувачот, со пет степени на пренос, но и тоа е традиционално француски.

Следи уште еден важен елемент моторизацијата со која овој компактен лав со право се гордее: 1.6-литарскиот BlueHDI турбо дизел е познат мотор, со моќност од 100КЅ, добиени при 3.750 вртежи во минута и 254 Nm вртежен момент испорачан веќе од 1750 вртежи во минута.

Сосем доволно за без мака да се носи со автомобилот и да му овозможува да забрзува од 0 до 100 km/h за 11.3 секунди и да постигне максимална брзина од 186 km/h.

На крајот доаѓа и најслаткиот дел од анализата на перформансите – потрошувачката, што во градски режим на експлоатација, ако возите умерено и почитувајќи ги правилата во сообраќајот се спушта и под 6,0 l/100 km!.

Во однос на опременоста во возилото со кое се дружевме на кратко ниво Active имате се што ви е потребно со низа на безбедносни системи, комплет на електрика на прозорци и ретровизори со грејачи, клима, борд компјуер…

Следи: далечинско заклучување и отклучување, темпомат, алу – тркала, а внатре веднаш ве освојува  9.7-инчен екран на допир со мултимедијален уред, со Bluetooth,  тука се автоматски светла, помош за стартување на нагорнини

За тие што сакаат побогата опрема и поголем комфор тука е највисокото ниво на опрема Allure.

Подновениот 308 ги задржал добрите страни: практичност, комфор и економичност за вистински избор во сериозно остарат hatch back  компактна класа каде Французите веќе се етаблираа на нашиот пазар!

Повеќе информации: Peugeot.com.mk