Aston Martin ќе ги снабдува F1 тимовите со мотори!

261

Aston Martin е отворен за снабдување со погонски единици на тимови во Formula 1, објави првиот човек на благородната британска автомобилска марка

Енди Палмер (Andy Palmer ), претседателот на Управниот одбор на Aston Martin, во разговор за порталот Motorsport.com, изјави дека инволвираноста во F1 има смисла имајќи го во предвид присуството во големиот циркус на тркала на нивниот голем ривал Ferrari.

Палмер кој е на чело на компанијата од 2014 година, нaпомена дека тоа ќе биде можно само ако се одобрат големи средства за развој и производство на енергетската единица.

„ За компанија која штотуку почна да остварува профит, немаме 350-400 милиони фунти годишно за трошење во F1 проектот за изработка на агрегати за болиди,“ вели Палмер.

„ Ако и тоа е навистина големо Ако, износот на пари на развој и на персонал потребни за развој на нов мотор е на разумно ниво, имаме добра причина, да го разгледаме и проучиме прашањето.“

Инаку и Aston Martin беше една од компаниите кои присуствуваа на неодамнешната средба на FIA за да разговараат за моторите што ќе се имплементираат во болидите во сезоната 2021 и потоа.

Потсетуваме, дека сите актуелни добавувачи на мотори беа присутни на средбата, заедно со поранешните добавувачи како што се: Cosworth, Ilmor Engineering, Lamborghini и Porsche.

Aston Martin веќе е дел од F1 преку спонзорство на тимот на Red Bull Racing кој котристи мотори на Renault.

Волшебникот за аеродинамика на овој тим во F1, генијалниот конструктор Адриан Њуи (Adrian Newey), исто така му помога и на Aston Martin во развојот на неговиот хипер автомобилот, Valkyrie.

Палмер никогаш не бил обожавател на едноставно спонзорирање на F1 тимот, кој го доживеал од прва рака за време на неговиот претходен престој во Nissan, чија марка Infiniti беше главен спонзор на Red Bull во периодот од 2012, до 2015 година.

Како алтернатива на развојот на енергетската единица, Палмер се надева дека Aston Martin во иднина може да обезбеди некоја форма на техничка поддршка на Red Bull.

“Никогаш не сум бил фан на едноставно спонзорство”, изјави првиот човек на производителот на супер спортски автомобили од Велика Британија, во интервјуто за Motorsport.com.

„Секогаш се обидувам да добијам одреден степен на автентичност, а колку повеќе автентичност има толку подобро”.