Audi Q8 се повеќе на „ачик“ на јавноста!

412

Audi се помалку го крие својот Q8 што својата глобална премиера ќе ја има годинава и се повидно е дека пред една година беше покажан горе долу производната верзија на моделот

Од најновите фотографии што се снимени во Шпанија, од екипата на Motorauthority, при тестирањата на идниот Q8 станува се повидно дека пред една година, на салонот во Детроит, е покажана безмалку сериската верзија.

Сега веќе е јасно дека станува збор за каросерија што е сериска, a не „мазга“ што се користи при тестирањата, за да се скрие ликот на идниот модел.

Тоа дозволува да се направат и неколку компарации, па така видливо е дека Q8 има преден „грил“ како Q7, страници што потсетуваат на Bentley Bentayga, а заден дел сличен на тој на Lamborghini Urus.

Бидејќи производството на Q8, според плановите, треба да се одвива во погоните во Братислава, Словачка, каде се произведува и Q7, не изненадува ни податокот дека станува збор и за идентично растојание помеѓу оските од три метри, како и за должина од каросеријата од пет метри, но најголемата разлика ќе биде во помалиот клиренс од подлогата (проценето е на 40 mm) а со самото тоа и помала висина на каросеријата.

Закосениот покрив со петата врата на концептот резултираа со тоа Q8 да понуди четири седишта, сепак, се очекува сериската изведба да има стандардни пет седишта, односно задна клупа со три седишта.

Погонскиот склоп на концептот е e-Tron plug – in Hybrid , а тоа значи комбинација од бензинец со работен волумен од 3.0– литри, со шест цилиндри поставени во форма на латинската буква „ V“, со  TFSI технологија и електромотор, како и акумулатор од литиум –јонски батерии со капацитет од 17.9 kWh.

Целиот склоп развива вкупна моќност од 450KS и 700 Nm максимален вртежен момент.

За оваа погонска група од Audi ветуваат забрзување од о до 100 km/h за 5.4 секунди и максимална брзина од  250 km/h, како и возење во само електричен мод до 50 km.

Од новините во внатрешноста, Audi ја најави новата генерација на виртуелниот дигитален кокпит, со впечатлив екран чувствителен на допир од 12.3 инча, со унапредена резолуција и со повеќе функции што потполно ќе ги заменат досегашните тркалца и прекинувачи.