Ford EcoSport- рециклирана хартија и пчели!?

82

Комбинација што на crossover моделот на Ford му овозможува изградба на компоненти и елементи со супер цврст, а супер лесен еколошки материјал

Уште како мали ни велат дека пчелите се скромни вредни и благородни работници, што освен што даваат здрава храна и произведуваат восок, го овозможуваат размножувањето (опрашувањето) на бројни растенија и со тоа одржувањето на природниот циклус и животот на земјата каков го познаваме.

Покрај тоа познавачите знаат дека пчелите се и најдобрите инженери на планетата, што ја создале формата на саке, најцврстата структура што човештвото ја познава.

Производителот на автомобили Ford за својот crossover модел EcoSport го „позајмил“ токму тоа знаење од пчелите и со употреба на рециклирана хартија и структурата на саке, направиле полица во багажникот што може да понесе товар од дури 300 kg покрај сопствената маса помала од три килограми, односно, располага со 100 пати поголема носивост од сопствената маса!

Употребата на структурата на саке во инженерството не е некоја новина и се применува секаде каде што е потребно да се постигне огромна цврстина покрај минималната маса.

Структурата на саке сместена помеѓу две површини се употребува во космонаутиката, аеронаутиката, при изработка на тркачки автомобили, конструкција на носачи кај облакодерите што просто го парат небескиот свод, и на многу други места …

Овој супер цврст и издржлив, а ултра лесен „сендвич“ може да биде изграден од алуминиум, полиестер, стакло, карбонски композити, кевлар, a во секоја комбинација на материјали донесува неверојатна цврстина во споредба со сопствената маса, а таа цвстина е многукратно поголема од цврстината на најквалитетниот челик.

Во Ford, овој на прв поглед неважен дел како што е полицата во багажникот, го изработиле од рециклирана хартија и лепак врз база на вода и го поставил помеѓу два тенки и лесни слоеви на стакло – пластика , односно фиберглас.

Резултатот е одличен: Маса помала од три килограми, а носивост поголема од 300 kg и прифатлива цена на изработка.

Последователните ефекти се уште поголеми: помала маса на самото возило, а следствено на тоа и помала потрошувачка на гориво и пониска емисија на издувни гасови, односно помало загадување на животната средина.

Вистинска приказна, иако на прв поглед во стилот на приказните „Верувале или не“, како пчелите и рециклираната хартија пишуваат една убава приказна за автомобилите.

Се надеваме дека и другите производители на возила ќе најдат примена на оваа технологија и во нивните модели.