BMW 128ti новиот жежок хечбек на Баварците

Во BMW ја финишираат подготовката на претстојниот 128ti, hot – hatch верзијата на Series 1 што би требало да биде голема конкуренција на Golf GTI, се разбира на повисок премиум степен, односно подобро речено на перформанс изведбата на новиот Audi A3…

Новиот BMW 128ti ќе го задвижува 2,0-литарски бензински турбо мотор со четири цилиндри со моќ од 265 КС, а силата ќе се испорачува на предните тркала преку Torsen диференцијал и осум степен автоматски менувач на брзини, што ќе биде единствената опција.

Баварците најавуваат дека спринтот од нула до 100 км/ч ќе изнесува 6,1 секунда.

Тоа што треба да се истакне е дека претстојниот 128ti нема да биде само уште една брза варијанта во понудата на моделот, со оглед на тоа дека BMW вложи многу време и грижа за да ги „штелува“ системите на потпирањето и на управувањето специјално и конкретно за овој модел со цел да понуди „екстремно спортска возачка динамика ориентирана кон возачот“.

Новиот BMW 128ti е практично првиот hot hatchback на BMW со погон на предните тркала и само третиот модел во историјата на брендот кој ќе го добие Turismo Internazionale суфиксот.

Производната – сериската верзија ќе добие специјално тјуниран пасивен M Sport систем на потпирање кој е понизок за 10 милиметри и пристигнува со потврди поставки отколку кај M135i, со кој ги споделува истите стабилизатори и M Sport сопирачки.

Исто така, новиот BMW 128ti ќе биде околу 80 кг., полесен во однос на M135i xDrive, најмногу поради недостатокот на погон на сите четири тркала.

Покрај тоа од BMW ветува дека новата верзија на Series 1 исто така ќе добие голем број на карактеристики на ентериерот и екстериерот што ќе бидат поинакви во однос на останатите модели од понудата.

Инаку, BMW ќе го лансира новиот 128ti во ноември на пазарите ширум Европа и ќе се обиде да се спротивстави на традиционалните hot hatchback модели како што се Golf GTI, Ford Focus ST, а ќе се обиде да конкурира и на некои поистакнати перформанс модели со погон на предните тркала во сегментот, вклучително и Honda Civic Type R и Renault Megane RS….

Како ќе одговори пазарот ќе дознаеме наскоро, но во секој случај производителот од Минхен нуди навистина интересен и „динамитен“ автомобил во компактната класа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Пет децении на брендот Range Rover

Fiat 500 Electric 3+1 со дополнителна трета врата

Hyundai i20 N и официјално

Уште еден автомобил на струја од Кина – NIO EE7

Се планира најмоќниот перформанс SUV на Баварците

Продолжен Bentley Bentayga LWB

Промовирани BMW X5 M и X6 M Competition First Edition

Од инсајдерски кругови протече цената на Dacia Spring Electric

Уловен новиот Porsche 911 GT3 RS