Американскиот производител на електрични автомобили Fisker веќе го лансираше моделот Ocean (ќе биде достапен на европскиот пазар следната 2023 година), а неодамна беше претставен и електричниот кабриолет – Ronin, но оваа компанија не запира тука, бидејќи планира и нов основен електричен автомобил наречен Pear …
Името Pear е всушност акроним за – Personal Electric Automotive Revolution (Лична електрична автомобилска револуција). Производството е најавено за почетокот на 2024 година, а автомобилот во САД ќе чини 29.900 американски долари.
Спецификациите сè уште не се објавени, иако Fisker вели дека Pear ќе биде „дигитално поврзан, компактен, урбан EV за пет патници“. Судејќи по ваквата најава и прилично агресивната цена, звучи како марката да е насочена кон истиот пазар како и Volkswagen ID.3.
Автомобилот на тизер (најавните) сликите изгледа како компактен crossover. Како што се очекуваше, Pear ќе усвои некои стилски елементи од својот поголем брат, споделувајќи го истиот заоблен преден дел, кратка хауба и рамен заден дел. Со оглед на пониската цена, Pear се очекува да има помали батерии и послаби електрични мотори од Fisker Ocean.
Ова практично значи дека Fisker Pear може да добие батерии од 60 kWh и опсег од 200 милји (322 km). Од американската компанија се уште не потврдија дали Pear ќе се продава во Европа, но нивниот портпарол сугерира дека тоа е дефинитивна можност, со оглед на количеството на интерес на европските купувачи покажан за поголемиот модел Ocean.
Fisker, исто така, планира да произведува 250.000 единици од овој автомобил годишно во фабриката во Охајо.