Volkswagen планира да претстави нов, достапен за поширок круг купувачи, електричен „народен“ автомобил како влезен модел во електричната гама на гигантот од Волфсбург…
Volkswagen сака да ги доближи електричните возила до сите и затоа планира лансирање на мал, достапен градски електричен автомобил кој ќе можат да си го дозволат поголем број на клиенти. Новиот мал електромобил ќе користи помалата верзија на MEB платформата на која се поставени ID.3 и ID.4 SUV моделот, дизајнирана да прифати батериски пакувања со капацитет до 43 kWh.
Тоа е главна цел за Volkswagen, што со додавањето во својата понуда на достапен електричен автомобил очекува долгорочните цели за продажба да добијат масивна поддршка, а и дека ќе може да ги исполнат целите за пресретнување на регулативите за емисијата на CO2.
Поевтината верзија на MEB платформата ќе биде користена за две нови електрични возила – градски автомобил и компактен хечбек кој најверојатно ќе ги добијат ID.1 и ID.2 имињата и ќе бидат маркетирани заедно со регуларните модели со мотори на внатрешно согорување како Polo.
Volkswagen како таргет за цената на своите возила има поставено сума под 20.000 евра за градскиот автомобил и под 25.000 евра за хечбекот а истите би требало да пристигнат на пазарот во 2023 година, но најверојатно претходно ќе бидат претставени како концепти.
Извршниот директор на Volkswagen, Ралф Брендштетер истакна дека ќе соработуваат со разните кинески партнери за да понудат што е можно повеќе достапни електрични автомобили, специјално дизајнирани за тој пазар и дека „MEB lite“ платформата исто така ќе овозможи голем број на евтини електромобили за останатите брендови од компанијата.
„Работиме на концепти за помалите сегменти. Ќе зборуваме наскоро. Автомобилите во помалите сегменти се важни и многу интересни за нас“, додаде Брендштетер.