Fiat Ritmo: 45 години

Ritmo беше лансиран во 1978 година на салонот во Торино и беше понуден во каросериски стилови со 3 и 5 врати, а се продаваше и во атрактивна кабриолет верзија.

Хечбекот на Fiat заврши на второто место на Европски автомобил на годината во 1979 година, блиску зад победничката Simca-Chrysler Horizon. Дизајниран е од Серџо Сарторели (Sergio Sartorelli) во Centro Stile на Fiat во Торино како модерен хечбек во каросериски стилови со 3 и 5 врати, но и како атрактивен кабриолет.

Ritmo се издвојуваше по пластичните браници интегрирани во стил кој комбинира силни кружни форми и остри линии, постигнувајќи коефициент на отпорност на воздухот од Cd=0,38. Пластичните браници исто така беа отпорни на оштетување при ниски брзина до 6 km/h.

Инаку Ritmo беше механички базиран на неговиот славен претходник, моделот Fiat 128 (модел што послужил како основа за моделот Zastava 101 на фабриката во Крагуевац, соседна Србија, што ја моторизира некогашната заедничка нација, поранешна СФР Југославија чиј конститутивен елемент беше и нашата земја – Македонија).

Суспензијата беше целосно независна, системот за сопирање се состоеше од предни дискови и задни барабани, а големината на тркалата беше 13 инчи. Преносите се движеа од стандарден четири-брзински мануелен (пет-брзински опционален кај моделите CL) и опционален тристепен автоматик произлезен од тогашните автомати на Volkswagen.

Ознаките на моделите се базираа на моќноста на моторот во коњски сили (Ritmo 60, Ritmo 65, итн.), а покрај бензинските мотори со зафатнина од 1,1 до 2,0 литри (Abarth), имаше и два дизела со волумен од 1,7 и 1,9 литри (Ritmo D). Моделите со ознаката CL биле подобро опремени модели, а во 80% од случаите првично се продавале на италијанскиот пазар.

Финтата беше во голем број на опционални додатоци кои претходно не беа видени на автомобилите на Fiat.  Таа листа вклучуваше: поголеми гуми, тахометар, стерео систем, безбедносни појаси и потпирачи за глава, совозачки страничен ретровизор, преклопна задна клупа, затемнети стакла, бришач и грејач на задното стакло, метална боја и подвижниот покрив.

Ritmo 60 CL беше исклучително популарен модел. Под хаубата се наоѓаше мотор од 1116 кубика, кој развиваше 60 КС при 5800 вртежи во минута и вртежен момент од 83 Nm при 3500 вртежи во минута. Моќта се испраќаше до предните тркала преку четири-брзински мануелен менувач, додека петстепен менувач и полуксузна опрема беа достапни како опција.

Тоа беше удобен автомобил за тоа време, иако имаше димензии слични на пунто. Ritmo измери 3,94 метри во должина, 1,65 метри во ширина и 1,4 метри во висина. Меѓуоскиното растојание беше 2,45 метри, додека неговата маса беше само 860 килограми. Поради убавите пропорции и малата тежина, максималната брзина беше 145 km/h, а му беа потребни 17,1 секунди за да забрза од 0 до 100 km/h.

Просечната потрошувачка на гориво на овој урбан италијански адут изнесувала 8,1L / 100 km. Ritmo се произведуваше од 1978 до 1988 година, а во тие 10 години беше подложен на два редизајнирања (1982 и 1985 година). Наследник беше моделот Тipо.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Morgan 4/4 најдолготрајниот автомобилски модел

Genesis X Gran Berlinetta Vision Gran Turismo Concept

Дуа Липа и Porsche ги здружија силите

Alfa Romeo Tonale за италијанската полиција

Hyundai IONIQ 5 N го прогласи автомобилот на годината во изборот на TopGear

McLaren GT од MSO

Hennessey H850 Mustang

Ferrari Purosangue во размер 1:8 чини 15.000 евра

Уникатниот Koenigsegg CCGT GT1 Le Mans е продаден за 3,3 милиони фунти