Минатата година FIAT го испрати во историја својот популарен градски автомобил Punto, но се чини дека на овој модел се уште не му е дојден крајот и дека има надеж за негово враќање на автомобилската сцена…
По навестувањата дека популарната „Точка“ од Торино би можела да се трансформира во crossover, што беше и логично ако се земат во предвид трендовите на глобалниот автомобилски пазар, сега пристигнуваат свежи вести, што индицираат повторно враќање на популарниот hatchback од Торино.
Како што пренесуваат специјализираните медиуми од Апенинскиот полуостров, Punto би можел да се врати во живот доколку FIAT се здружи со Renault.
Потсетуваме, веќе неколку месеци се шпекулира за можноста од фузирање на Fiat Chrysler Automobiles (FCA) и на Renault.
Така Punto би се вратил благодарение пред се на тоа што Renault има платформа за малите автомобили, а тоа пак би значело дека евентуалното ново Punto би било „брат близнак“ на новата генерација на моделот Renault Clio.
Инаку, FIAT го произведувал моделот Punto цели 25 години, a во тој период, во трите генерации на автомобилот, истиот е продаден во повеќе од девет милиони примероци.