Врвната верзија на KTM X-Bow е официјално прикажана во јавноста, а во името ја доби и придавката GT-XR, како ознака за супериорни перформанси и возачко искуство..
Патниот X-Bow GT-XR е многу сличен на тркачките автомобили GTX и GT2 произведени од оваа австриска компанија, додека неговата цена е „само“ 284.900 евра.
Како што е најавено, производството нема да надмине 100 примероци годишно.
Важно е да се наведат следните податоци: GT-XR располага со монокок од јаглеродни влакна и челична рамка со висока цврстина што придонесува за тежината на автомобилот од 1130 килограми (без течности).
За погонот е одговорен 2,5-литарскиот турбо мотор на Audi со пет цилиндри, кој испорачува моќност од 500 КС при 6350 вртежи во минута и максимален вртежен момент од 581 Nm при 5550 вртежи во минута.
Потентниот агрегат е поврзан со седум степен менувач со двојна спојка кој ја испраќа силата на задните тркала благодарение на диференцијалот со ограничено лизгање.
Комбинацијата обезбедува супериорни перформанси: Забрзувањето од 0 до 100 km/h за само 3,4 секунди, додека максималната брзина изнесува 280 km/h.
Од KTM велат дека GT-XR е „совршен и за секојдневно возење“ благодарение на големиот резервоар за гориво од 96 литри, прогресивното електрично управување и опционалниот хидрауличен систем за подигнување од 9 сантиметри.
Покрај тоа од КТМ потенцираат и дека покрај компонентите кои генерираат надолна (потисна down force) сила, како што се големото задно крило, задниот дифузор и предниот сплитер, GT-XR има и секција во подот што е дизајнирана така да го максимизира ефектот на тлото (подлогата) благодарение на вртлозите создадени од предниот сплитер, создавајќи така воздушен „печат“ (заптивка) под автомобилот.
На купувачите им се достапни и керамички сопирачки, додека пак Sachs се погрижи за напредната суспензијата на автомобилот, а тркалата со централно заклучување се нудат како опционален додаток.
Внатрешноста располага со отстранлив волан од јаглеродни влакна (исто така на воланот има и дигитална група на инструменти), прилагодливи ножни команди – педали, како и опционален систем за камера, потоа аудио систем со Bluetooth, LED осветлување, клима уред, како и мала кутија за ракавици.