Mercedes-Benz, исто така, официјално потврди дека неодамна го продаде Mercedes-Benz SLR Coupe од 1955 година од неговата музејска колекција во Германија на приватен сопственик за 135 милиони евра.
Со постигнатата цена на пазарот, тој е најскапиот автомобил во историјата досега, според Hagerty, компанија која ги следи вредностите и продажбата на колекционерските возила.
Со парите од продажбата ќе се формира светскиот фонд за стипендии на Mercedes-Benz, објави Mercedes.

Претходната највисока цена за продажба на автомобил беше 70 милиони долари платена во 2018 година за Ferrari 250 GTO од 1963 година.
Неодамна продадениот Mercedes беше еден од двата прототипа на 300 SLR Uhlenhaut Coupe.

Возилата стари 67 години го добиле името по тогашниот главен инженер Рудолф Уленхаут (Rudolf Uhlenhaut), а се верува дека можат да достигнат максимална брзина од 299 km/h.
Колекционерскиот автомобил беше продаден на затворена аукција, одржана со покани во Штутгарт на 5 мај и во соработка со аукциската куќа RM Sotheby’s.

Уште една копија на купето Uhlenhaut останува во музејската колекција на Mercedes, се вели во соопштението на компанијата.
„Тркачките автомобили од 1930-тите до 1950-тите се реткост на пазарот и повеќето сè уште се во сопственост на фабриката, така што секој примерок понуден на продажба е многу барана стока“, рекол Брајан Раболд, потпретседател на Hagerty.