Нов тркачки викенд на Twingo Cup на Гробник со рекорден број возачи

На патеката Гробник крај Риека лани за првпат македонски возач победи во генерален пласман на CEZ, а викендов ќе биде место на уште еден дуел на македонските „мајстори на четири тркала“ кои се дел од Twingo Cup…

Со најголем број пријавени возачи, 38 од шест држави, меѓу кои и деветмина Македонци ќе се возат следните две трки од третиот тркачки викенд сезонава. Во Хрватска викендов ќе дебитира и Бојан Костовски кој првпат седнува во седиштето на Twingo и ќе се обиде да го стигне па дури и да биде подобар од неговиот брат Мартин Костовски, ланскиот вицепрвак во Twingo Cup.

Со двете трки викендов ќе се означи половина од сезоната во која со поддршка на Automotive Group и АКК Реноспорт првпат на вакви трки учествуваат и возачи од Македонија. Покрај деветтемина Македонци кои ќе возат, има и возачи од Словенија, Италија, Србија, Чешка и од Австрија. Покрај за Twingo Cup истите трки ќе се бодуваат и за FIA CEZ првенството, и за националните првенства на Словенија и на Македонија.

За третиот тркачки викенд на Twingo Eurocup, планиран за сабота и недела каде треба да се возат две трки, пријавени се 38 возачи што е најмногу дсосега. Постои можност на стартот да се појави уште едно возило бидејќи тоа е максималниот број на натпреварувачи. Гробник е првата вистинска тркачка патека на просторите на бивша СФРЈ каде од 1978 година се одржуваат најразлични тркачки манифестации. Патеката е долга 4168 метри и има 18 свиоци.

Лани имаше два тркачки викенди на Гробник на кои се возеше Twingo Cup, и четири трки на кои по двапати победија Давид Малинковски и Марко Блажевски. На последната трка на сезоната Марко Блажевски триумфираше и во генерален пласман, а зад него беше Давид Малинковски, што беше најголем успех на македонските возачи во Twingo Cup дотогаш.

Тие двајца и сезонава се вбројуваат меѓу најсериозните кандидати за победи. Со двете победи во Австрија, Марко Блажевски го презеде лидерското место во генерален пласман во првенството на Македонија и води со 55 бода, пред Давид Малинковски кој има 50 бодови и една победа, во Унгарија. Од третото до петтото место се Владимир Тренески (41 бод), Слободан Трајковски (40 бода) и Ангелче Стојковски (38 бода). На четирите трки досега сезонава имаше тројца различни победници во првенството на Македонија: Владимир Тренески, Давид Малинковски и Марко Блажевски.

На Гробник се враќа и Мурис Хамзиќ кој претходно ја прескокна трката во Австрија, а во Унгарија на стартот двапати беше осмопласиран. Младиот Бојан Костовски ќе го вози автомобилот на Ненад Костовски, кој возеше и во претходните две сезони, и по две трки сезонава поради големи обврски реши да се повлече од трките.

Покрај стандардно пријавените возачи од Словенија и до Македонија, кои ги има во најголем број на Гробник ќе се појават и повеќемина натпреварувачи од Италија, Австрија, Србија, Чешка.

Во петок изутрина се квалификациите. Првата трка е во сабота наутро од 11,45 часот, додека втората во недела во 17,20 часот.

Ова е трета сезона од Twingo Cup што се бодува за првенството на Македонија, а севкупниот победник како награда ќе го добие електричното возило Renault Twizzy.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Победничкиот болид на Шумахер Ferrari F300 на аукција

Новата генерација на Ford Mustang пристигнува следниот месец!

Stellantis ја раскинува „дружбата„ со кинескиот партнер GAC

Продажбата на VW Group во драстичен пад во однос на минатата година

Трет триумф на Марко Блажевски во Twingo Cup

Honda размислува за враќање во F1

Наспроти сите други производители Dacia со раст на продажбата во првото полугодие

Цените на горивата продолжуваат да одат „горе – долу“

Електричниот Ford Bronco  пристигнува во Европа но само во ограничена серија