Aehra е нов италијански бренд на електрични автомобили со седиште во Милано.
Компанијата го најави својот влез во сегментот на премиум автомобили со комбинација на италијански дизајн, инженерство од светска класа и услуги за клиенти на американско ниво.
Засега се планирани три модели. Електричниот SUV е планиран за октомври оваа година, а во февруари 2023 година ќе биде претставен и седан. Aehra објави дека испораките на двата модели ќе започнат во 2025 година. Во план е и трет модел, спортски автомобил во конфигурација 2+2 седишта, но не е објавено кога ќе биде претставен.
SUV моделот Aehra ќе се натпреварува со Audi e-tron, Tesla Model X и BMW iX. Компанијата тврди дека нејзиниот модел ќе користи „платформа со најнова технологија за батерии, со целна автономија од најмалку 800 километри и исклучителни перформанси“. Во соопштението за медиумите се наведува дека возилото ќе може да прими четворица NBA играчи со полна висина и дека на средината на задните седишта ќе има место за возрасен висок 180 см.
Истата платформа ќе ја користат теренецот и седанот, а се очекува капацитет на батеријата од 120 kWh. Двата автомобили ќе имаат лесна карбонска монокок шасија за намалување на тежината и проширување на опсегот. Aehra наведува дека нејзините возила ќе донесат „супериорна агилност и уживање во возењето“. Полнењето треба да биде најбрзо во светот на електричните возила, бидејќи планираната архитектура е под напон од 850 V.
Основачот на компанијата, нејзиниот претседател и директор Хазим Нада изјави дека моделите на новата марка првично ќе се продаваат на пазарите во Северна Америка и Европа, а подоцна и во Кина. Највисоката цена на моделот е од 160.000 до 180.000 долари, а целта е да се прават од 20.000 до 25.000 автомобили годишно.