Kia полека се но со сигурен чекор настапува во транзиција од производител на автомобили, до компанија што нуди нови одржливи решенија за мобилност…
Корејскиот производител се соочува со драстични промени; го промени своето име во Kia Corporation – претходно Kia Motors Corporation – а го најави и новиот слоган на брендот: „Movement that Inspires“.
Иако можеби слоганот на прв поглед не значи ништо особено, шефот на одделот за глобален бренд и искуство на купувачите, Артур Мартинс, даде свое објаснување. „Движењето отсекогаш било во срцето на нашиот бренд, а движењето на луѓето во јадрото на нашиот бизнис. Движењето му помага на човештвото за постојано да прогресира, напредува и еволуира. Затоа во Kia веруваме дека движењето инспирира идеи“.
Една од најважните вести е одлуката на Kia да се фокусира на популаризирање на електричните возила и како дел од оваа иницијатива, компанијата ќе лансира седум нови ЕВ модели до 2027 година.
Секој од нив ќе биде базиран на Electric-Global Modular Platform (E-GMP), а од Kia истакнуваат дека можеме да очекуваме голем број на возила вклучително автомобили, crossover модели, како и MPV креации.
Првиот модел на Kia кој ќе биде базиран на E-GMP платформата ќе биде претставен наскоро и е познат како CV.
Компанијата ги чува деталите во тајност во моментов. Сепак, откриваат дека ќе има дизајн инспириран од crossover моделите, ќе се одликува со брзи полначки способности и опсег на движење поголем од 500 км.
Освен ова, Kia исто така развива наменски возила. Тие ќе бидат базирани на флексибилни платформи и ќе се карактеризираат со модуларни каросерии кои ќе можат да бидат „скроени“ за да ги пресретнат специфичните барања на правните и флотните купувачи.
Kia додава дека потребата за наменски возила ќе порасне до 2030 година, поради зголемувањето на e-commerce сегментот во трговијата и car-sharing услугите, а како резултат на ова, тие започнаа соработка со Arrival и Canoo. Тоа значи дека ќе почнат да произведуваат специјални возила за car-sharing и услуги за достава.
Иако Kia не откри многу за престојните електрични возила, тие објавија неколку тизери, а според она што може да се види, корејскиот производител најави три автомобили и два кросовери, но и неколку комерцијални возила.