Германскиот производител на премиум автомобили BMW има намера да произведува во Дебрецен, Унгарија, исклучиво со употреба на еколошка електрична енергија.
„Фабриката во Унгарија треба да биде целосно ослободена од фосилни горива“, рече Оливер Ципсе (Oliver Zipse), директор на компанијата, на собранието на BMW во Минхен.
Според него, ова ќе биде првата фабрика за автомобили што ќе работи без фосилни горива, јави Танјуг.
Како што е најавено, на 1 јуни ќе биде поставен камен-темелникот на производниот погон кој треба да биде изграден за 26 месеци, кога се очекува да започне производството на електрични возила од нова класа.
Најголем дел од електричната енергија потребна за производство ќе се произведува директно во просторот на фабриката, а останатиот дел ќе биде од обновливи извори на енергија, објасни Ципсе.
БМВ досега користеше гас во своите производствени капацитети, а минатогодишната потрошувачка во погоните ширум светот беше 3,5 милиони мегават часови.