Кинеските производители на автомобили ја зголемуваат популарноста во странство и најавуваат дека годинава ќе постигнат рекорден извоз…
Производителите на автомобили извезле 3,11 милиони возила минатата година, што е зголемување од 54,4 отсто во однос на 2021 година, ставајќи ја Кина на второто место зад Јапонија, според податоците на Кинеската асоцијација на производители на автомобили. Како што известува China Media Group (CMG), тој импулс продолжи и во тековната 2023 година.
Податоците на Great Wall Motors, најголемиот кинески производител на SUV и pick – up камиони, покажуваат дека 15.998 нивни возила се продадени во странство во јануари, што е за 25,47 отсто повеќе во споредба со истиот период минатата година. Во исто време, тоа е повеќе од една четвртина од вкупните испораки на компанијата во месецот.
Производителот на автомобили вели дека ќе ја забрза глобалната кампања со Европа и Југоисточна Азија како пазари во развој. Наронг Сриталајон (Narong Sritalaion), извршен директор за продажба на Great Wall Motors во Тајланд, рече дека производителот на автомобили планира да лансира четири нови модели на е-возила во земјата во 2023 година.
Во 2022 година компанијата продаде 173.180 возила на странските пазари, што е за 21,28 отсто повеќе во споредба со истиот период во 2021 година. Производителот на автомобили истакнува дека неговата вкупна продажба во странство надминала еден милион единици.
BYD, поддржан од Ворен Бафет (Warren Buffett), извезе 10.409 возила минатиот месец, што е зголемување од 57,8 отсто во споредба со истиот период минатата година. Неговиот SUV модел Atto 3 го зазеде лавовскиот дел од речиси 9.000 единици, објави производителот. BYD лансираше три модели во септември 2022 година во Европа, а Atto 3 е еден од нив.
Околу еден месец подоцна, компанијата за изнајмување автомобили Sixt потпиша договор со кинескиот производител за купување на 100.000 возила во текот на шест години. Voyah, премиум филијалата на државниот производител Dongfeng Motor, соопшти дека во јануари започнала да ги испорачува своите теренци во Норвешка, нејзиниот прв пазар во странство.
Истиот месец влегол во Израел, а се очекува испораките да започнат во март. Hongqi (Црвено знаме), бренд на кинеската групација FAW, достапен во Западна Европа, очекува дека нејзината продажба во странство ќе учествува со повеќе од 10 проценти од вкупната продажба во 2025 година, што ќе се зголеми на 25 проценти во 2030 година.
„Нивната продажба можеби не е голема во Европа во моментов, но самото нивно присуство таму е доказ за нивната конкурентска предност“, рече Фу Јуву (Fu Yuwu), почесен претседател на Кинеското здружение на автомобилски инженери.