Познат е и датумот на премиерата на долгонајавуваниот електричен модел на гигантот од Волфсбург- Volkswagen ID.Buzz…
Па така, промоцијата е закажана за 9 март годинава, а се работи за модел кој ќе се изработува и на МЕB платформата на Volkswagen за електрични автомобили.
Се очекува ID.Buzz да има батерии од 77/82 kWh, додека производството, според претходните информации, ќе се одвива во фабрики во Германија и САД.
На купувачите ќе им бидат понудени модели со стандардно и продолжено растојание помеѓу оските, но вторите нема да бидат достапни пред 2023 година.
Двата модели ќе понудат различен распоред на седиштата и внатрешни конфигурации, но повеќе информации допрва ќе следуваат.
Ова ќе биде првиот модел од серијата ID кој ќе се нуди во варијанти за патници и испорака.
Да потсетиме, Volkswagen Commercial Vehicles минатата година потврди дека ќе понуди и автономна верзија на моделот ID.Buzz.
Ваквото возило се нарекува Volkswagen ID.Buzz AD (Автономно возење), а првенствено ќе се користи за превоз на патници во урбани средини. Германскиот производител засега не објави многу информации, но најавено е дека ID.Buzz AD ќе се појави во 2025 година и ќе има систем за автономно возење развиен од Argo AI (меѓу другото, има и Lidar на покривот кој може да открие објекти оддалечени повеќе и од 400 метри).