Недостаток на западни модели на автомобили на пазарот е секако главна причина за оваа состојба, иако и пред тоа Lada беше водечка или меѓу водечките марки на домашниот (тамошен) пазар…
Пазарот на автомобили во Русија на почетокот на годинава падна за 63,1 отсто, објави Асоцијацијата на европски претпријатија (АЕB), официјалното претставништво на странските инвеститори во Русија. Повеќе од половина од продадените автомобили биле од марката Lada. Ситуацијата во голема мера ја одразува кризата на понудата и продажбата на некинески брендови.
Дополнително, статистиката не го зема предвид кинескиот Chery, кој според минатогодишните податоци зазеде околу осум отсто од пазарот, пренесува Комерсант. Продажбата на патнички и лесни комерцијални возила во Русија во јануари падна на 32.500 единици, што е пад од 63,1 отсто.
Инаку, јануари традиционално е лош за продажба на автомобили, но оваа година состојбата ја влошува недостигот на понуда на пазарот. Само кинеските и домашните марки имаат стабилни залихи, додека залихите на европските, јапонските и корејските брендови се исцрпени, поради санкциите.
„Lada“ останува лидер на пазарот, а нејзината продажба беше за три отсто помала од минатата година, 17.500 примероци. Како резултат на тоа, возилата од компанијата АвтоВАЗ, која ја произведува Ladа, учествуваа со 53,7 отсто од вкупниот обем на пазарот.
Втор е кинескиот Haval, а на трето место по продажба во јануари е Geely, исто така кинески бренд.
Руски ГАЗ ја намали продажбата за 32 отсто на 1,8 илјади возила, а секогаш добро продаваната КIА забележа пад на продажбата за 89 отсто, на 1,4 илјади автомобили.
Меѓу оние кои успеаја да продадат повеќе од илјада автомобили минатиот месец е и домашниот УАЗ, со околу 1.200.
Рускиот пазар на автомобили минатата година се намали за околу 59 отсто, на 690.000 возила. АЕB очекува дека во текот на тековната година пазарот ќе порасне за 12 отсто до 770.000 продадени автомобили.