Почнувајќи од следната сезона, возачите на Формула 1 нема да смеат да даваат политички, верски и приватни изјави без претходна согласност на Меѓународната автомобилска федерација, најави претседателот на тоа тело, Мохамед Бен Сулејем.
Возачите на Формула 1 кои даваат политички, верски и приватни изјави без одобрение на првиот човек на Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) ќе бидат санкционирани, изјави Бен Сулајем по измените на Меѓународниот спортски кодекс, пренесува Sky Sport.
Почнувајќи од следната сезона, на возачите ќе им треба писмена дозвола од управното тело за да дадат политички, верски и приватни изјави, јавувaат информативните агенции.
„Загрижени сме. Можете да го користите спортот за мирни цели, но ние не сакаме ФИА да служи како платформа за приватни агенди. Ќе се тргнеме од спортот. Што прават возачите најдобро? Тие возат. Тие се толку добри во тоа, создаваат спектакл, тие се ѕвезди“, рече Бен Сулејем.
Првиот човек на ФИА истакна дека има и други платформи преку кои возачите можат да го кажат своето лично мислење.
„Ако имам мое приватно мислење, тоа не значи дека ќе ја користам ФИА за да го изразам тоа. Верувам дека ФИА треба да биде неутрална. Ни требаат суперѕвезди да се занимаваат со овој спорт. Ако има нешто, прашајте за дозвола. Ако направите некаква грешка, тоа е како брзото возење низ боксот. Ако го направите тоа, многу е јасно што следува“, истакна Бен Сулејем.
Поранешните шампиони Луис Хамилтон и Себастијан Фетел беа меѓу возачите кои даваа политички изјави во претходните сезони.
Хамилтон се залагаше за човекови права и расна еднаквост, а исто така се занимаваше и со правата на ЛГБТ заедницата во конзервативните тркачки земји како Саудиска Арабија и Катар.