Почетна Актуелно Mazda CX-5 го...

Mazda CX-5 го освои „Златниот волан 2026“: Прогласена за најдобар автомобил во својата категорија

3

Третата генерација на популарниот јапонски компактен теренец Mazda CX-5 ја освои престижната награда „Златен волан 2026“ (Goldenes Lenkrad) во категоријата најдобар автомобил до 35.000 евра, пренесува B92. Признанието го доделуваат германските автомобилски магазини Auto Bild и Bild am Sonntag.

Ова е шеста награда „Златен волан“ за марката Mazda, а последната ја освои во 2019 година со моделот CX-30. Кунихиро Шишима, потпретседател и генерален директор на Центарот за истражување, развој и дизајн на Mazda Motor Europe, истакна дека признанието е потврда за заедничката работа на тимовите во Јапонија и Европа.

Поголем простор и практичност во секојдневието
Жирито ги истакна пространоста на кабината, практичноста при секојдневна употреба, како и односот меѓу цената и вградената опрема. Новата CX-5 располага со багажник со зафатнина од 583 литри, подобрена удобност при возење, автоматски менувач и интегрирани Google услуги во мултимедијалниот систем.

Претставена на почетокот на 2026 година, третата генерација продолжува да го надградува препознатливиот Kodo дизајнерски јазик. Во споредба со претходникот, вкупната должина и меѓуоскиното растојание се зголемени за по 115 милиметри, со што се добива повеќе простор за нозете и багажот на патниците на задната клупа.

2.5-литарски благ хибриден погон
За погонот се грижи 2,5-литарскиот бензински мотор e-Skyactiv G поврзан со благ хибриден систем Mazda M Hybrid. Агрегатот е доработен за да обезбеди поголем вртежен момент при ниски и средни вртежи, што овозможува порамномерно забрзување и подобар одзив во градско и вонградско возење.

Првата генерација на CX-5 беше претставена во 2011 година (продажбата започна во 2012-та) како прв сериски модел на Mazda со Skyactiv технологија и Kodo дизајн, втората пристигна во 2016 година, а третата ја продолжува приказната на еден од најважните модели во понудата на јапонскиот производител.