Почетна Актуелно BMW ја криеше...

BMW ја криеше оваа V12 лимузина 21 година, а сега конечно ја покажа: Уникатниот концепт L7

1

Само неколку дена откако го откри прототипот на моделот M7 од генерацијата E38, BMW претстави уште една изведба на Серија 7 која никогаш не стигна до сериско производство. Станува збор за концептот L7 од 2005 година – раскошна лимузина со V12 мотор, вграден фрижидер и толку многу простор на задната клупа што патниците можат речиси целосно да ги испружат нозете.

BMW изработи само еден примерок од овој модел, а пошироката јавност за прв пат го виде дури по 21 година. Темносиниот L7 е изграден врз основа на редизајнираниот BMW 760Li од периодот на Крис Бенгл, а со својата внатрешност и димензии наликува на тогашните модели на Maybach, од времето кога тој беше самостоен бренд. Возилото беше прикажано во видео на профилот Retro Garage на Инстаграм во соработка со BMW Classic. Станува збор за целосно функционален прототип, додека BMW засега нема објавено детални технички спецификации.

Должина речиси колку Rolls-Royce Ghost
Според проценките на специјализираниот портал BMWBlog, овој L7 е долг околу 5,53 метри, што е околу 35 сантиметри повеќе од моделот 760Li на кој се темели и околу 14 сантиметри повеќе од актуелната генерација на Серија 7. Со овие пропорции се доближува до Rolls-Royce Ghost со стандардно меѓуоскино растојание.

BMW ја проширил каросеријата во делот на B-столбот, помеѓу предните и задните врати. Овој зафат најјасно се забележува во страничен профил, а целиот дополнителен простор е наменет за патниците назад. Седиштата се обложени со кожа во крем боја, централната конзола има дрвени облоги и посебен iDrive контролер, а над задните седишта е поставен и втор кровен прозор. Во конзолата се сместени фрижидер и преграда каде што шишето може да стои исправено.

Претходникот произведен во 899 примероци
Од 1997 до 2001 година, BMW произведе 899 примероци од моделот L7 на генерацијата E38. Тој беше заснован на верзијата 750iL со 5,4-литарски V12 мотор и беше околу 25 сантиметри подолг од веќе продолжената Серија 7, а се продаваше во Европа, на Блискиот Исток и во југоисточна Азија. Еден од најпознатите примероци BMW го изработи во 2000 година според идеите на модниот дизајнер Карл Лагерфелд.

Ознаката L7 германскиот производител ја користеше уште кај генерацијата E23, каде што во САД и Јапонија ја носеше најбогато опремената изведба со стандардно меѓуоскино растојание. Верзијата L7 од генерацијата E65 остана единствена во својот вид, а BMW досега не соопшти зошто не ја пуштил во сериско производство.

Полуксузна Серија 7 се враќа како BMW Alpina
BMW повторно работи на уште полуксузна изведба на Серија 7. Нејзиното претставување се очекува во 2027 година под брендот BMW Alpina, при што моделот во рамките на групацијата треба да заземе позиција помеѓу Серија 7 и Rolls-Royce. Според досегашните сознанија, ќе го задржи меѓуоскиното растојание на Серија 7, додека останатите елементи треба да го оправдаат статусот на најлуксузен модел во гамата, но и значително повисоката цена.