Mansory Range Rover Sport SV

Range Rover Sport SV е уште еден во низата модели кои поминаа низ тјунинг на германската тјунинг компанија Mansory….

Mansory му обезбеди на Range Rover аеро комплет (aero body kit) изработен од од јаглеродни влакна (преден спојлер, комплет прагови, заден дифузер, спојлер на заден покрив, спојлер на задната врата), а на тоа се надоврзуваат и Mansory решетка, нова хауба со отвори за воздух и сет на надворешни ретровизори.

Има и изменета суспензија, нов издувен систем со четири издувни цевки, комплет FD.15 алуминиумски тркала со големини од 23 или од 24 инчи.

Допирот на тјунинк куќата се чувствува и во кабината, каде клиентите се опкружени и со префинет ентериер по желба на потенцијалниот купувач (кожа, спортски педали, прагови на вратите со осветлување, како и Mansory ознаки…).

Конечно, има и пакет за засилување на бензинскиот мотор со работен волумен од 4,4-литри, во конфигурација со осум цилиндри што се поставени во форма на латинската буква V, надграден со двоен турбо полнач (twin-turbo).

Во оваа куса информација не е спомната моќноста на засилениот агрегат, но во својата основна изведба, односно како што излегол од фабриката располага со моќност од 635 КС и 750 Nm максимален вртежен момент.

Исто така, ниту цената не е објавена, само се напоменува дека истата може да се добие само на барање.

 





НАЈНОВИ