Автомобилскиот гигант Stellantis започна масовна сервисна акција и повлекување на дури 700.000 возила ширум светот, поради потенцијален ризик од пожар.
Проблемот е поврзан со хибридните модели со 48V технологија, каде одредени компоненти во моторниот простор се поставени премногу блиску една до друга. Во услови на влага, тоа може да доведе до електричен лак, прегревање, па дури и пожар.
Според досегашните информации, регистрирани се 36 инциденти, од кои 12 случаи на пожар, што ја натера компанијата превентивно да реагира.
На листата на погодени модели се наоѓаат автомобили од повеќе брендови во рамки на групацијата, меѓу кои:
Peugeot (208, 2008)
Citroën (C3, C4, C3 Aircross)
Fiat (Grande Panda)
Jeep (Avenger)
Alfa Romeo (Junior)
Покрај овие, повлекувањето опфаќа и возила од други брендови како Opel, DS и Lancia, што покажува дека проблемот е поширок и зафаќа повеќе модели произведени меѓу 2023 и 2026 година.
Добрата вест е дека решението е релативно едноставно –
сервисната интервенција трае околу 30 минути, а сите трошоци ги покрива производителот.
Сопствениците ќе бидат контактирани од овластените сервиси, но експертите советуваат и самостојно да се провери дали возилото е опфатено, особено ако станува збор за понов хибриден модел од некој од наведените брендови.