На интернет се појавија првите фотографии од новата генерација на легендарната Lada Niva, а судејќи според објавените слики, рускиот теренец добива најголема трансформација во својата историја.
Новата Niva задржува препознатлив квадратест и робустен изглед, но со значително помодерен дизајн. Предниот дел добива потенки LED светла, масивна маска и поизразени браници, додека страничниот профил изгледа помалку „советски“ и значително поусовршен од актуелниот модел.

Според руските медиуми, новата генерација ќе биде базирана на модернизирана верзија од платформата CMF-B, која во рамките на Renault-Nissan алијансата се користи кај модели како Renault Duster. Иако Renault официјално се повлече од Русија, дел од технологијата и понатаму останала достапна за AvtoVAZ.
Најголемото изненадување е ентериерот. Според протечените информации, новата Niva конечно добива дигитална инструмент табла, голем централен екран, модерни системи за асистенција и значително поквалитетни материјали во кабината.
Сепак, Lada наводно нема целосно да се откаже од теренскиот карактер по кој Niva е позната со децении. Се очекува моделот да добие погон на сите тркала, зголемено растојание од подлогата и механички решенија прилагодени за тешки теренски услови.
Lada Niva е еден од најдолговечните автомобили во историјата. Оригиналниот модел беше претставен уште во 1977 година и речиси пет децении остана симбол на едноставен, издржлив и евтин теренец. Токму поради тоа многумина се изненадени колку модерно изгледа новата генерација.
И покрај модерниот изглед, дел од љубителите на Niva стравуваат дека новиот модел би можел да ја изгуби едноставноста и механичката робусност што ја направија легендарна. Од друга страна, помладите купувачи сметаат дека токму ваквата модернизација е неопходна за моделот да остане конкурентен на денешниот пазар.