Почетна Актуелно Новoто Yugo п...

Новoто Yugo пристигнува во 2027: Ниска цена и минимална потрошувачка

5

Легендарниот Yugo би можел повторно да се врати на автомобилската сцена во 2027 година. Според најавите што се појавија во српските медиуми, новиот модел ќе биде модерен градски автомобил со многу ниска цена и исклучително мала потрошувачка.

Според првичните информации, новиот Yugo ќе биде позициониран како евтин и практичен автомобил за секојдневно градско возење. Планот е цената да биде значително пониска од повеќето модерни европски автомобили, со што моделот би можел да привлече купувачи што бараат едноставно и достапно возило.

Медиумите наведуваат дека потрошувачката би можела да биде околу 2,2 литри на 100 километри, што би било постигнато со комбинација на мал бензински мотор и хибридна технологија. Сепак, техничките детали засега не се официјално потврдени.

Дизајнот на автомобилот наводно ќе комбинира ретро елементи инспирирани од оригиналниот Yugo со модерни LED светла и поаеродинамична каросерија. Се очекува моделот да биде компактен hatchback со едноставен ентериер и основна технологија. (carmagazine.co.uk)

Иако многумина со носталгија гледаат на враќањето на Yugo, аналитичарите предупредуваат дека денешниот автомобилски пазар е многу поконкурентен и дека евтин автомобил мора да ги исполни строгите европски безбедносни стандарди.

На социјалните мрежи и форумите реакциите се поделени – дел од корисниците се воодушевени од можноста за враќање на култното име, додека други се сомневаат дека новиот Yugo навистина ќе може да биде толку евтин како што се најавува.