Иако летото сè уште официјално не започнало, високите температури веќе создаваат сериозни проблеми за автомобилите. Многумина сметаат дека зимата е најтешкиот период за возилото, но статистиките на европските авто-клубови покажуваат дека дефектите се почести токму за време на топлотни бранови.
Најголем проблем во лето, изненадувачки, претставува акумулаторот. Високите температури предизвикуваат испарување на електролитот, а дополнителното оптоварување од климата и останатите електрични системи уште повеќе го забрзува неговото трошење. Токму затоа многу автомобили откажуваат токму во најжешките денови.
Веднаш зад него се гумите. Жешкиот асфалт, долгите патувања и неправилниот притисок значително го зголемуваат ризикот од прегревање и оштетување. Експертите предупредуваат дека најголем број експлозии на гуми се случуваат токму во летните месеци.
Моторот и системот за ладење исто така се под огромен притисок. Доколку недостига течност за ладење или системот има и најмало протекување, моторот може брзо да се прегрее — особено во градски метеж и возење во место со вклучена клима.
Високите температури негативно влијаат и врз моторното масло, кое побрзо ги губи своите својства, особено при долги возења на автопат. Освен тоа, страдаат и сопирачките, електрониката и клима-уредот.
Не страда само механиката. Силното UV зрачење сериозно влијае врз лакот и ентериерот. Темните бои особено брзо избледуваат, пластиката може да испука, а кожните седишта се сушат и губат еластичност. Во затворен автомобил температурата лесно може да надмине 50 степени Целзиусови.
Експертите советуваат:
редовно проверување на притисокот во гумите,
контрола на течноста за ладење,
проверка на акумулаторот,
користење заштита за ветробранското стакло,
паркирање во сенка кога е можно,
оставање малку подотворени прозорци за намалување на температурата во кабината.
Иако модерните автомобили се значително понапредни од порано, екстремните летни температури и понатаму остануваат еден од најголемите непријатели на секое возило