Почетна Актуелно Цитроен Берли...

Цитроен Берлинго слави 30 години – специјална серија во чест на култниот модел

19

Францускиот производител Цитроен Берлинго одбележува три децении од еден од своите најуспешни модели. По повод 30-годишниот јубилеј, Цитроен претстави специјална серија **Berlingo 30 Years**, која ќе биде достапна од 1 јуни 2026 година.

Од своето деби во 1996 година, Берлинго стана симбол на практичност, просторност и разновидност. Моделот практично создаде нов сегмент на возила што комбинираат карактеристики на товарно и патничко возило, наменети и за семејства и за професионални корисници. Во текот на својата историја е продаден во милиони примероци ширум светот и останува еден од најпрепознатливите модели на марката.

Специјалната серија се базира на нивото на опрема Plus и носи богата стандардна опрема:

* 10-инчен HD мултимедијален екран,
* 10-инчна дигитална инструмент табла,
* камера за возење наназад со Top Rear Vision систем,
* загреан кожен волан,
* електрично склопливи ретровизори,
* 16-инчни црни алуминиумски тркала,
* Citroën Advanced Comfort седишта.

Посебност на јубилејното издание се трите независни седишта во вториот ред, конфигурација што е ексклузивна за оваа верзија. Автомобилот добива и специјална ознака „30“ на предниот столб како потсетник на значајниот јубилеј.

Купувачите ќе можат да избираат помеѓу неколку погонски опции:

* бензински мотор со 110 КС,
* дизел верзии со 100 и 130 КС,
* целосно електричен **Citroën ë-Berlingo** со 136 КС и батерија од 54 kWh.

Актуелната трета генерација на Берлинго, освежена во 2024 година, нуди до седум седишта и автономија до 340 километри во електричната верзија според WLTP циклусот. Комерцијалната варијанта, пак, располага со товарен простор до 4,4 кубни метри и носивост до еден тон.

Во време кога SUV моделите доминираат на пазарот, Берлинго останува еден од ретките автомобили што успешно ги комбинираат семејната практичност, големиот багажен простор и ниските трошоци за користење. Токму затоа, и по 30 години, овој модел продолжува да биде еден од најважните столбови во понудата на Цитроен.