Почетна Актуелно Јапонски трик...

Јапонски трикови за помала потрошувачка: Навики со кои можете да заштедите гориво

714

Малите промени во стилот на возење можат значително да ја намалат потрошувачката на гориво. Во Јапонија, каде економичното возење е дел од возачката култура, се применуваат едноставни правила што не само што штедат гориво, туку и го намалуваат абењето на автомобилот.

Избегнувајте нагло забрзување

Една од најчестите грешки е силното притискање на педалата за гас. Постепеното забрзување овозможува моторот поефикасно да го согорува горивото, а истовремено ги намалува емисиите и абењето на механичките компоненти.

Предвидувајте го сообраќаjот

Наместо до последен момент да возите кон црвено светло и потоа нагло да сопирате, пуштете ја педалата за гас порано и дозволете автомобилот да се движи по инерција. Со ваков стил на возење се намалува потрошувачката, особено во градски услови.

Проверувајте го притисокот во гумите

Недоволно напумпаните гуми создаваат поголем отпор при движењето, што го тера моторот да троши повеќе гориво. Затоа редовно проверувајте го притисокот, секогаш кога гумите се ладни. Исто така, навремено менувајте го филтерот за воздух, бидејќи затнатиот филтер може да ја зголеми потрошувачката.

Не оставајте го моторот да работи во место

Ако подолго чекате во застој или на железнички премин, исклучувањето на моторот може да заштеди значителна количина гориво. Моторот во празен од троши гориво без автомобилот да се движи.

Отстранете го непотребниот товар

Секој дополнителен товар го зголемува оптоварувањето на моторот. Експертите наведуваат дека секои дополнителни 50 килограми можат да ја зголемат потрошувачката за околу два проценти. Затоа, не носете непотребни предмети во багажникот.

Внимавајте на аеродинамиката

При поголеми брзини, отворените прозорци и неискористените кровни носачи го зголемуваат отпорот на воздухот. На автопат е поекономично прозорците да бидат затворени, а клима-уредот да се користи умерено.

Искористете ја инерцијата

Пред угорница, благо зголемете ја брзината додека сте на рамно. По искачувањето, отпуштете го гасот и дозволете автомобилот природно да се движи надолу, наместо постојано да забрзувате и сопирате.

И точењето гориво има улога

Некои експерти препорачуваат горивото да се точи рано наутро, кога е постудено и погусто. Исто така, добро е да избегнувате точење веднаш по полнењето на резервоарите на бензинската пумпа, бидејќи тогаш може да се подигнат наслаги од дното на резервоарот.

Со усвојување на овие едноставни навики, можно е да се намали потрошувачката на гориво, да се продолжи работниот век на автомобилот и да се намалат трошоците за секојдневно возење.