Почетна Актуелно Ферари послуш...

Ферари послуша човек кој не знае ништо за автомобили: Така настана Luce

9

Ферари годинава го претстави својот прв целосно електричен автомобил, моделот Luce, кој предизвика бројни расправи поради својот радикален дизајн. Удел во неговото создавање имаше и основачот на Amazon, Џеф Безос.

Малку е познато дека идејата за електричен Ферари почна да добива сериозни облици уште пред десет години, и тоа благодарение на човек кој нема речиси никаква поврзаност со автомобилската индустрија.

Претседателот на Ferrari, Џон Елкан, се присети на разговорот со Безос за време на заедничка прошетка во јули 2016 година. Безос тогаш му дал совет кој одиграл важна улога во развојот на првиот електричен модел.

„Не знаам ништо за автомобили, но знам многу за иновативност. Мислам дека треба сериозно да размислите за производство на електричен Ферари“, му рекол Безос.

Елкан признава дека токму тој разговор бил моментот кога за првпат почнал сериозно да размислува како би изгледал Ferrari без мотор со внатрешно согорување.

Од обичен разговор до првиот електричен Ferrari

Ferrari не сакаше едноставно да земе еден од постојните модели, да го отстрани бензинскиот мотор и да го замени со електричен погон. Идејата беше да се развие целосно нов автомобил кој ќе ги искористи сите можности на електричната технологија, а притоа ќе ја задржи посебноста по која е познат италијанскиот бренд.

Сепак, од советот на Безос до конкретниот автомобил поминаа речиси десет години. Ferrari дури во јуни 2022 година официјално ги потврди плановите за развој на електричниот модел, а Luce конечно беше претставен на 25 мај годинава.

Наместо перформансите и технологијата, најголемо внимание веднаш привлече дизајнот, околу кој се поведе жестока дебата. Luce визуелно толку се разликува од досегашните модели што реакциите на јавноста беа изразено поделени.

Интересно е дека во Маранело не очекуваа таков одтек. „Воопшто немавме намера да создадеме контроверзен Ferrari. Не ја очекувавме ваквата реакција“, изјави Елкан.

Сепак, негативните коментари не го загрижија раководството. Напротив, Елкан тврди дека реакциите дополнително го зацврстија нивното уверување дека донеле правилна одлука: „Неверојатно е дека 1,3 милијарди луѓе ширум светот го видоа овој автомобил.“

Ферари: Luce во живо изгледа поинаку

Од компанијата сметаат дека фотографиите не можат доволно добро да го пренесат изгледот на новиот модел и дека луѓето кои го гледаат во живо реагираат значително попозитивно.

Како пример ја наведуваат технолошката конференција Wave во Торино, каде автомобилот привлече огромен број посетители кои чекаа во ред за да го видат одблизу.

Пристигнуваат нарачки и реакциите на купувачите се позитивни, што за производителот е најважно. Во Маранело нагласуваат дека Luce не значи крај за традиционалните модели — компанијата ќе продолжи да произведува автомобили со V6, V8 и V12 мотори, додека електричниот модел ќе биде дополнување на понудата.

Испораките започнуваат годинава

Цената на Ферари Luce се очекува да биде околу 500.000 евра. Првите испораки се планирани за последното тримесечје од оваа година, а целосниот пазарен ефект ќе биде видлив до 2028 година. Ferrari веќе има распродадено производство до крајот на 2027 година, па засега нема причина за загриженост околу интересот на купувачите.