
Германскиот автомобилски гигант Volkswagen претстави уште еден впечатлив концепт со кој го одбележува 50-годишниот јубилеј на оригиналниот Golf GTI, пренесува Index Auto. Овој пат станува збор за уникатен модел заснован на помалиот ID. Polo GTI – екстремна изведба што ја жртвува практичноста во име на максималните перформанси и не е наменета за комерцијална продажба.
Новиот концепт, кој ќе биде изложен на саемот Essen Motor Show, испорачува 367 коњски сили и 550 Nm вртежен момент, што претставува скок од 139 КС и 260 Nm во однос на патниот модел. Со помош на системот Launch Control, забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 4,7 секунди, додека максималната брзина достигнува 240 км/ч – дури 65 км/ч повеќе од стандардниот GTI.
Зголемената моќност е постигната со вградување на електромотор кој првично бил развиен за поголеми модели со заден погон, како што се ID. Tiguan и ID.7. Кај овој субкомпактен концепт, инженерите на Volkswagen го сместиле моторот напред, што наложило целосно приспособување на распоредот на компонентите.
Агресивен дизајн и поширока каросерија
Изведбата Clubsport донесува и значајни визуелни промени. Volkswagen ја прошири каросеријата за вкупно 100 милиметри, при што предните и задните крила се пошироки за по 50 милиметри. Со тоа моделот добива далеку поагресивен изглед во споредба со повоздржаниот сериски ID. Polo GTI.
Концептот е изведен како двовратен автомобил – задните врати се отстранети за да се овозможи вградување на пошироки крила и да се нагласи тркачкиот карактер, додека задните странични прозори се задржани. Аеродинамичниот потисок го обезбедуваат големо задно крило од јаглеродни влакна (карбон), изразен преден сплитер и целосно редизајниран дифузор.
Надворешниот изглед го заокружуваат црните 19-инчни тркала BBS, со задржани препознатливи GTI елементи како црвената линија на предниот дел, долната решетка со саќеста структура и карактеристичните вертикални LED дневни светла.
Направени се промени и на подвозјето – Clubsport е спуштен за 15 милиметри во однос на ID. Polo GTI (односно 30 милиметри понизок од стандардниот ID. Polo). И покрај изменетата геометрија, поширокиот траг на тркалата и приспособените компоненти на суспензијата, назад е задржана торзиска оска, со што се разликува од главниот конкурент Alpine A290, кој има независна задна суспензија.
Батеријата е преземена од серискиот модел и има нето-капацитет од 52 kWh (никел-манган-кобалт). Системот за управување со батеријата е модифициран за да може да испорача поголема моќност, а проширени се и границите за полнење во однос на сериската изведба каде што тие се поставени заради долгорочна заштита на батеријата.
Екранот е тука, но нема инфотеинмент систем
Истиот фокус на возењето на патека владее и во кабината. Volkswagen го задржа основниот дизајн на инструмент-таблата, но целосно го отстрани инфотеинмент системот за возачот да може да се концентрира исклучиво на возењето.
Внатрешноста е обложена со темен микрофлис кој го намалува одблесокот, збогатена со црвени украсни шевови. Вградени се Recaro кадички седишта со тркачки појаси во пет точки, а наместо задната клупа и багажникот има вграден заштитен кафез, бидејќи Clubsport е конципиран како двосед.
Иако Volkswagen сѐ уште нема објавено официјален податок за масата, се претпоставува дека концептот е полесен од серискиот ID. Polo GTI (кој тежи 1.540 килограми) благодарение на поедноставената кабина и отстранувањето на задните врати.
Неизвесна иднина за сериско производство
Првото јавно појавување автомобилот ќе го има на саемот во Есен веќе на 27 ноември. Volkswagen го опишува ID. Polo GTI Clubsport како уникатен концепт, но не ја исклучува целосно можноста за сериско производство. Засега моделот служи како демонстрација на технологија, а од компанијата наведуваат дека регистрацијата за улична употреба во моментов е само „теоретска опција“.