
Еден погрешен потег со рачката на менувачот може да заврши со исклучително скап дефект, пренесува Index Auto. Доколку при голема брзина случајно префрлите од петта во втора брзина и ја пуштите спојката (кумплугот), тркалата преку менувачот можат принудно да го завртат моторот далеку над дозволениот број на вртежи.
Марин Морава, технички советник во Хрватскиот автоклуб (ХАК), за Ревија ХАК објасни дека при ваква ситуација најпрво може да настрада разводниот механизам кој управува со отворањето и затворањето на вентилите.
– Високиот број на вртежи над максимално предвидената граница на моторот може да резултира со тешко механичко оштетување, првенствено на разводниот механизам за отворање и затворање на вентилите, предупредува Морава.
Зошто ограничувачот на вртежи тука не помага?
Електронскиот ограничувач на вртежи („блокада“) при забрзување може да го запре растот на вртежите со прекин на вбризгувањето на гориво. Сепак, ако возачот префрли во пренизок степен на пренос и ја отпушти спојката, вртежите на моторот механички ги одредуваат брзината на автомобилот и избраната брзина во менувачот.
Во тој случај, прекинот на дотокот на гориво не може да спречи тркалата физички да го завртат моторот над критичната граница – феномен познат меѓу возачите како „money shift“. Вакво предупредување дури е наведено и во одредени фабрички упатства, на пример кај моделите на Honda.
Кога дизел моторот почнува да согорува сопствено масло.
Морава опиша и уште едно опасно сценарио при кое вртежите можат да излезат од контрола. Кај постарите дизел мотори со истрошени клипни прстени (карики), моторното масло при високи вртежи може преку одушник да навлезе во усисната грана.
Доколку моторот почне да го согорува сопственото масло како гориво, вртежите можат неконтролирано да продолжат да растат дури и откако возачот целосно ќе ја тргне ногата од педалата за гас – состојба која најчесто завршува со целосно уништување на агрегатот.