Брисел и Пекинг не го решија спорот за електричните автомобили

Но, и двете страни сакаат да го надминат проблемот и ги продолжуваат разговорите со настојување да најдат прифатливо решение за двете страни во овој спор…

Европската комисија најавува дека ги продолжува разговорите со Кина за тарифите на ЕУ за електричните возила од кинеско производство и дека може да го преиспита договорот за минимални цени што ЕУ претходно го отфрли.

Шефот за трговија на ЕУ, Валдис Домбровскис (Valdis Dombrovskis), и кинескиот министер за трговија Ванг Вентао (Wang Ventao), пред неколку дена разговараа за тарифите на кинеските електрични возила. Тие се состанаа додека Европската комисија се подготвува да предложи тарифи до 35,3 отсто за електричните автомобили произведени во Кина, покрај стандардните 10 отсто увозни давачки за автомобили.

Портпаролот на Комисијата рече дека „чесно и конструктивно“ разговарале за тарифите за електричните возила, а Домбровскис нагласи дека истрагата против субвенционирање на ЕУ против Кина ќе продолжи и дека таа се заснова на факти и има за цел да овозможи еднакви конкурентни услови.

„Двете страни ја потврдија својата политичка волја да продолжат и да ги интензивираат напорите за изнаоѓање заемно прифатливо решение кое треба да биде ефикасно во решавањето на проблемот, применливо и компатибилно со Светската трговска организација“, рече портпаролот на Европската комисија.

Се очекува 27-те земји-членки на ЕУ да гласаат за предложените конечни тарифи на 25 септември, а доколку бидат одобрени од квалификуваното мнозинство на Советот на ЕУ, тие ќе бидат воведени до крајот на октомври и ќе останат на сила пет години.

Брисел го обвини Пекинг дека вештачки ги намалува цените на своите електрични автомобили со субвенции и со тоа се обидува да ги истисне европските конкуренти од профитабилниот пазар. По повеќемесечна истрага, Комисијата откри дека Кина го субвенционирала целиот синџир на снабдување и производство на електрични автомобили.

Пекинг ја нарече истрагата на Комисијата „протекционистички чин“ кој отиде предалеку во нејзините наоди, а како одговор започна неколку истраги за европскиот извоз на свинско месо, алкохолни пијалоци и млечни производи. Но, зад сцената, кинеските власти работеа на изнаоѓање пријателско решение за спорот и заштита на домашните фирми од високите царини.

Паралелно, Пекинг лобираше до одредени земји-членки на ЕУ да гласаат против. На воведувањето царини остро се противат Унгарија, како и германските производители на автомобили, кои минатата година остварија една третина од продажбата во Кина, бидејќи се загрижени од одмазднички мерки и стравуваат од трговски конфликт со вториот најважен трговски партнер на Германија.

Минатата недела се случи мал пресврт кога шпанскиот премиер Педро Санчез (Pedro Sánchez), за ​​време на посетата на Пекинг, рече дека Европската комисија треба да го преиспита предлогот за тарифи.

„Не ни треба уште една војна, во овој случај трговска војна“, рече премиерот на Шпанија, која претходно се согласи на воведување царини.

 





НАЈНОВИ