General Motors отпушта 1.000 работници

General Motors (GM) најави дека ќе го намали бројот на вработени во секторот за софтвер и услуги…

Причината за отпуштањето на повеќе од 1.000 вработени е да се зголемат инвестициите во нови технологии, а притоа да се одржи профитабилноста.

Автомобилскиот гигант со седиште во Мичиген, наводно, планира да направи 600 од тие 1.000 отпуштања во технолошкиот кампус на GM во близина на Детроит, според француската информативна агенција АFP.

GM ги потврди отпуштањата, но не го откри точниот број на луѓе кои ќе останат без работа. Како што објасни портпаролот на GM, за да се изгради иднината, компаниите мора да донесат храбри одлуки и да дадат приоритет на инвестициите кои ќе имаат најголемо влијание.

„Како резултат на тоа, ја намалуваме големината на одредени тимови во организацијата за софтвер и услуги“, рече портпаролот.

На крајот на минатата година, според официјалните податоци, автомобилскиот гигант имал околу 76.000 вработени и 87.000 работници со скратено работно време.

Во јули, оваа 2024 година GM објави пораст на кварталниот профит по зголемувањето на продажбата во Северна Америка, компензирајќи ја континуираната слабост во Кина, каде што се соочува со тешка конкуренција.

Иако компанијата намали некои инвестиции во електрични возила и самоуправувачки автомобили, тие сепак се извор на големи трошоци.

За да ги намали трошоците, GM се обврза да ги намали трошоците за 2 милијарди американски долари.

Во јуни GM одобри и нова програма за откуп на акции вредна шест милијарди долари, потсетува АFP.

 





НАЈНОВИ