Минатата година во ЕУ беа регистрирани 1,5 милиони нови BЕV автомобили

Минатата година, 1,5 милиони нови електрични автомобили со батерии (BEV) беа регистрирани во Европската унија, со што нивниот вкупен број достигна 4,5 милиони…

Бројот на електрични автомобили на батерии е зголемен за 48,5 отсто во споредба со  2022 година, кога во ЕУ ги имаше вкупно три милиони, објави Евростат.

Уделот на електричните автомобили со батерии меѓу регистрациите на нови автомобили во ЕУ достигна 14,6 отсто во 2023 година.

До 2018 година, учеството на ваквите возила беше под еден процент и постепено се зголеми на 5,3 отсто во 2020 година, на девет отсто во 2021 година и на 12,1 отсто во 2022 година.

Во Данска, електричните автомобили со батерии сочинуваа 7,1 отсто од сите патнички автомобили минатата 2023 година, а овој удел беше исто така релативно висок во Шведска со 5,9 отсто, Луксембург со 5,1 отсто и Холандија со пет отсто.

Спротивно на тоа, 14 земји забележаа учество на BEV во вкупниот број на патнички автомобили под еден процент.

Најмал удел е забележан во Кипар, Грција и Полска, во сите три случаи од 0,2 отсто.

Во просек, електричните автомобили сочинувале 1,7 отсто од сите автомобили во ЕУ минатата година, пренесува информативната агенција од соседна Србија – Танјуг.





НАЈНОВИ