Поради новите регулативи, plug-in хибридите ќе поскапат од 2025 година

Дилерите на нови автомобили во одредени земји од ЕУ ги мотивираат граѓаните годинава да го интензивираат купувањето на plug-in хибриди, бидејќи PHEV моделите во наредната 2025 година ќе бидат значително поскапи…

Се заострува регулативата за тестови за емисија на CO2, што значи дека овој тип на хибрид повеќе нема да ги исполнува условите за државни стимулации при купувањето.

Според резултатите од продажбата во Европа, евидентно е дека електричните автомобили се сè помалку интересни за клиентите. Многу луѓе се свртуваат кон хибриди, но не сите видови „мешавини“ се пожелно решение.

Нултата емисија беше горлив проблем што производителите на автомобили го зграпчија „како пијаница“, со цел да ги намалат просечните емисии на CO2 од целата гама возила и да избегнат казни. Меѓутоа, бидејќи продажбата на возила со батерии не оди според планот, нема ништо што ќе ја намали вредноста на CO2, а тоа значи дека производителите ќе мора да платат казни од повеќе милиони долари, пренесуваат светските информативни агенции.

Rear of car, exhaust pipe in front of cloudy sky

Понуденото решение во форма на plug-in хибрид бележи опаѓање кај купувачите во последните години, а тоа го потврди и нивниот пад на продажбата од речиси 20 отсто оваа година, што секако не ги остава рамнодушни производителите. Но, на одредени пазари во ЕУ, додека се уште има субвенции за овој тип возила, продавачите на нови автомобили ги мотивираат граѓаните да купуваат годинава додека се поповолни.

Минатата година, напролет, Европската унија ги анализираше податоците за потрошувачката на гориво и електрична енергија на PHEV, откако ги обврза производителите да вградат уред за мерење во такви модели.

Целта на ЕУ беше да открие отстапувања за кои се знаеше дека постојат, но потребни беа издржани податоци за да се потврдат сомнежите и на крајот адекватни реакции од законодавците. Спроведените детални анализи ја наведоа Европа да понуди поголема транспарентност во однос на овие мерења, воспоставувајќи нова регулатива која ќе стапи на сила на првиот ден од идната 2025 година. Новите регулативи доаѓаат како резултат на злоупотреба на помали емисии на CO2, бидејќи производителите често ги соопштувале вредностите под 50 грама на поминат километар.

Испитувањата и тестовите за време на фазата на хомологација даваат резултати за потрошувачката на гориво и емисиите кои делумно се вистинити, а делумно не. Мерењето се прави со целосно наполнета батерија, но огромното мнозинство на мрзливи сопственици не ја полнат редовно, па моторот со внатрешно согорување всушност ги напојува овие автомобили. Лажната слика со години ги фаворизира моделите со погонски единици на PHEV.

Што сака ЕУ да избегне со новиот стандард за емисии Еуро 6е? Во случај на PHEV, ова ќе направи два теста на еднакво растојание, еден со наполнета батерија, а другиот со испразнета батерија, така што анализата на двата теста ќе понуди резултат без и со емисии. Веќе може да се претпостави дека емисиите ќе бидат поголеми и дека моделите на PHEV ќе се соочат со „казна“ (односно нема да може да се квалификуваат за субвенции и разни погодности (влез во централни градски подрачја на мегаполисите, бесплатен паркинг, помали такси при осигурување… ).

Производителите ќе треба да најдат начини да ги усогласат емисиите, или со прилагодување на моторите со намалување на моќноста, со уреди за намалување или со зголемување на електричниот опсег за два до три пати од она што го нудат во моментов.

Сè заедно ова крева врева, бидејќи реално тоа нема да биде изводливо. Оттука, извесно е дека автомобилите на PHEV ќе поскапат, а повисоките цени секако ќе ги плаќаат крајните купувачи.





НАЈНОВИ