Зошто производителите не сакаат да им понудат EV со навистина достапни цени?

Иако извршниот директор на Ford неодамна изјави дека иднината на е-мобилноста лежи во создавањето на помали, попристапни е-автомобили, многу експерти не „се фатија на неговата мамка“, тврдејќи дека на автомобилските компании им требаат повисоки цени на производите за да направат профит…

Повеќето производители имаат „полна уста“ за достапните ЕV модели за широките маси од 20, 25 илјади евра, а сега тоа го можат само Кинезите, кои на Запад поради ова се соочуваат со високи царини, пишуват новинарските агенции на Стариот континент.

Порталот Insideevs објави за оваа жешка тема, каде еден од нивните новинари отиде дотаму што рече: „Постои една фундаментална вистина што мора да ја разберете за автомобилските компании.

-Тие не постојат за да прават автомобили. Тие постојат за да заработат пари.

Таа разлика е, според аналитичарот Кевин Тинан (Kevin Tynan), причината зошто тие всушност не се заинтересирани за производство на електрични возила со пристапни цени.’.

Понатаму, известувачот на оваа страница наведува дека Тинан е директор за истражување во инвестициска банка фокусирана на дилери на автомобили, со децениско искуство како аналитичар.

Она што тој го мисли, вели авторот на написот, не е дека производителите на е-автомобили немаат интерес за достапни производи.

Тоа е дека нивниот интерес започнува и завршува со освојување клиенти кои на крајот ќе купуваат поскапи производи со поголема маржа.

Една од највалканите тајни на автомобилската индустрија, се наведува во написот, е дека во големи размери (големи серии) не чини многу повеќе да се направи поголемо и поскапо е-возило отколку помало и подостапно.

Но, тие јасно можат да ви наплатат многу повеќе за возило од повисока класа отколку за оние возила од градска или мини градска класа.

Можеби и самите забележавте колку производители одлучуваат, или веќе одамна го направиле тоа, да го прекинат производството на помали (градски) модели.

Не ви треба долго време, претпоставуваме, да соберете 2 и 2, тоа е една од причините зошто денес сите ви „буткаат“ под нос поголеми возила како што е сега напливот на crossover или SUV модели.

На крајот, како што обично се случува во капитализмот, купувачите ќе го формираат пазарот.

Ако сепак сакаме да купуваме скапи, моќни е-возила со премногу опрема, тоа и ќе ни го понудат производителите на автомобили.





НАЈНОВИ