Најмалиот модел на Lexus, LBX, беше прикажан на саемот за тјунери во Токио на почетокот на оваа година во спортско издание, но тогаш само како концептно возило…
Како и да е, деновиве на на јапонскиот пазар пристигна и сериски (производен) модел.
Наречен LBX Morizo RR, овој автомобил покажува како LBX може да се трансформира со помош на погонската група од GR Yaris.
Претседателот на Toyota, Акио Тојода, одигра клучна улога во создавањето на овој модел и им даде зелено светло на инженерите на Lexus да го создадат врвниот LBX.
Тоа значи дека за погонот се грижи 1,6-литарскиот со три цилиндри турбо мотор со моќност од 224 kW/300 КС и 400 Nm, кој го има и обновениот GR Yaris. Покрај тоа, LBX Morizo RR е опремен и со шест-брзински мануелен и осум-брзински автоматски менувач, како и со погон на четири тркала.
Со маса од 1440 kg LBX Morizo RR забрзува од 0, до 100 km/h за 5,2 секунди.
Кога пак, станува збор за димензиите тие се: должина од 4190 mm, ширина од 1840 mm, висина од 1535 mm, а растојанието помеѓу оските изнесува 2580 mm.
Меѓу измените се издвојуваат предната маска, префинетиот преден браник, 19-инчните алуминиумски тркала, гумите со мерки : 235/45 R19, посилните сопирачки, црвените клешти на сопирачките, различниот заден браник, црниот дифузер и две издувни цевки.
За изменетиот ентериер се предвидени спортски седишта и алуминиумски педали.
Цените во Јапонија започнуваат од 6.500.000 јапонски јени , што пресметано во европска валута изнесува 37.905 евра, додека верзијата „Bespoke Build“ со дополнителни опции за прилагодување чини 7.200.000 јени , односно околу 41.985 евра.
Ова последното специјално издание е ограничено на серија од само 100 единици, што се понудени само преку систем на лотарија.
Испораките до клиентите во Јапонија започнуваат на крајот на наредниот месец – август.