Многу возачи панично реагираат кога ќе се запали жолтата ламбичка со натпис „Check Engine“ на контролната табла, но тоа не мора секогаш да значи сериозен дефект. Сепак, сигналот не треба да се игнорира, бидејќи укажува дека електрониката на возилото открила неправилност во работата на моторот или некој од неговите системи.
Причините можат да бидат различни — од банални, како лошо затворен чеп на резервоарот, па сè до посериозни, како дефект на катализаторот, ламбда сондата или сензорот за проток на воздух. Исто така, неисправни свеќици или проблем со системот за вбризгување може да ја активираат оваа сигнализација.
Експертите предупредуваат дека доколку ламбичката трепка, моторот ја губи силата или се појавува дим или мирис на гориво, треба веднаш да се запре возилото и да се исклучи моторот, за да се избегне поголема штета.
Најдобро е возилото што поскоро да се однесе на дијагностика, бидејќи бришењето на грешката без сервисна интервенција не го решава проблемот — ламбичката повторно ќе се појави по кратко време.