Порше јавно призна дека одлуката за укинување на бензинскиот Macan била погрешна. Ова го потврди извршниот директор на Volkswagen Group и поранешен прв човек на Порше Оливер Блуме, наведувајќи дека компанијата прерано се откажала од еден од своите најпродавани модели со мотор со внатрешно согорување.
Според Блуме, Порше очекувал електричниот Macan целосно да ја преземе улогата на класичната верзија, но пазарот не се движел со очекуваната брзина. Побарувачката за електрични SUV модели расте, но не доволно за да се надомести отсуството на бензинската варијанта, особено на клучните пазари.
Бензинскиот Macan беше повлечен од европскиот пазар поради новите регулативи, а неговото глобално производство треба целосно да заврши до 2026 година. Со тоа, Порше создаде празнина во еден од најпопуларните SUV сегменти, што компанијата сега отворено го признава како стратешка грешка.
Како одговор, Порше веќе најави развој на нов компактен SUV со мотор со внатрешно согорување и хибридни верзии, кој ќе биде позициониран под Cayenne. Новиот модел се очекува кон крајот на деценијата и нема нужно да го носи името Macan.
Со ова признание, Porsche јасно покажува промена во стратегијата – иднината нема да биде исклучиво електрична, туку ќе вклучува комбинација од електрични, хибридни и класични погонски решенија, во зависност од побарувачката на пазарот.