Механичарите предупредуваат дека одредени навики зад воланот можат сериозно да го скратат животниот век на автомобилот, а најштетни се токму оние што многу возачи ги практикуваат секојдневно – без да бидат свесни за последиците.
На врвот на листата се честите кратки релации, особено оние пократки од 10 километри. Според експертите, ваквиот начин на користење е „исклучително неповолен“ за возилото, бидејќи моторот нема доволно време да достигне работна температура.
Кога моторот останува „ладен“, подмачкувањето не е оптимално, а тоа доведува до забрзано абење на деловите, поголема потрошувачка и почести дефекти.
Дополнителен проблем е што при вакви кратки возења во моторот се задржуваат влага и несогорено гориво, што го разградува моторното масло и го скратува неговиот век.
Негативните последици не застануваат тука – страдаат и други компоненти:
– издувниот систем, каде се задржува влага и се зголемува ризикот од корозија
– спојката, која трпи поголемо оптоварување во градско возење
– акумулаторот, кој не се полни доволно при кратки релации
Особено чувствителни се дизел моторите, бидејќи им е потребно повеќе време да достигнат оптимална температура, па градското и краткото возење уште повеќе им штети.
Заклучокот на механичарите е јасен – автомобилите многу подобро функционираат кога се возат на подолги релации, каде моторот работи во оптимални услови. Затоа, кога е можно, кратките патувања е подобро да се заменат со пешачење или велосипед, особено во урбани средини.