Почетна Актуелно Посебна чест ...

Посебна чест за „Кралот на земјата“: Kia му подари уникатна скулптура на Рафаел Надал од вистинска тениска земја

21

Јужнокорејскиот автомобилски гигант Kia на оригинален начин му оддаде признание на тениската легенда Рафаел Надал, подарувајќи му единствена скулптура на моделот EV4 GT во природна величина, изработена од комбинација на моларска глина и земја од тениските терени на кои Шпанецот испиша историја.

Скулптурата му беше свечено врачена на Надал во неговата академија на Мајорка, со што симболично беше одбележана нивната две децении долга соработка.

Уметност создадена од тениските триумфи
Статичниот модел ги задржува пропорциите на hatchback возилото со пет врати, но она што го прави целосно уникатен е неговата карасерија. Наместо класична боја и метал, таа е изработена од глина собрана од култните терени во Монте Карло, Париз, Рим и Мадрид – местата каде Надал освои дел од своите рекордни 63 титули на земјена подлога.

Преку впечатливата портокалово-црвена површина се протега бела линија која симболично ги претставува тениските линии. Во самата каросерија се врежани и бројките кои го дефинираат неговото наследство:

63 титули на земја,

низа од 50 последователно освоени сетови,

пет сезони завршени како прв играч во светот.

Скулптурата го носи и неговиот личен потпис, а оттаму нагласуваат дека овие ознаки се резервирани исклучиво за овој уникат и нема да бидат дел од сериското производство на моделот EV4 GT.

Партнерство долго две децении
Соработката меѓу Kia и Надал започна уште во 2004 година, кога шпанскиот огранок на компанијата го поддржа тогаш младиот тениски талент. Откако во 2005 година триумфираше на Ролан Гарос, Надал веќе следната година стана глобален амбасадор на брендот – улога која ја задржа повеќе од дваесет години, дури и по неговото официјално повлекување од професионалниот тенис.

-Kia беше покрај мене повеќе од дваесет години, низ целата моја кариера, низ сите подеми и предизвици. Ова признание, направено од материјал што го обележа толку голем дел од мојот пат, за мене има неверојатно значење, изјави Надал по повод примањето на оваа оригинална скулптура.

Извршниот директор на Kia Europe, Суханг Чанг, истакна дека одлучноста и отпорноста на Надал се трајна инспирација за милиони фанови ширум светот, вредности кои совршено се поклопуваат со визијата на брендот.

Во меѓувреме, сериската верзија на спортскиот електричен автомобил EV4 GT се подготвува за пазар со импресивни перформанси, погон на сите тркала и моќност од 288 коњски сили, продолжувајќи ја силната врска на автомобилскиот бренд со врвниот спорт.