Навиката автомобилот да се „грее“ неколку минути пред тргнување е сè уште присутна кај многу возачи, особено во зимски услови. Сепак, кај современите автомобили оваа практика повеќе не е потребна – па дури може да биде и штетна.
Стручњаците советуваат дека по стартување на моторот е доволно да се почека 10 до 30 секунди, по што може веднаш да се тргне. Причината е едноставна – моторот многу побрзо и поефикасно се загрева додека автомобилот е во движење, отколку кога работи во место.
Долгото загревање во празен од не носи корист, туку може да предизвика неколку негативни ефекти. Освен што ја зголемува потрошувачката на гориво, тоа доведува и до поголеми емисии на штетни гасови, а моторот не се загрева рамномерно. Дополнително, со текот на времето може да се создадат наслаги во моторот.
Најдобриот начин да се заштити моторот е по кратко стартување да се започне со умерено возење, без нагли забрзувања и високи вртежи, додека не се достигне работна температура.
Ова правило важи и за бензински и за дизел мотори, бидејќи современите системи за подмачкување и електроника се дизајнирани да функционираат веднаш по стартувањето.
Заклучокот е јасен: долгото „греење“ на моторот е застарена навика. Наместо тоа, тргнете речиси веднаш – но возете внимателно во првите минути. Така ќе го зачувате моторот, ќе заштедите гориво и ќе возите поефикасно.