Новиот електричен SUV модел Шкода Epiq, според првите скици од ентериерот, носи целосно нов дизајнерски правец на чешкиот производител наречен „Modern Solid“. Кабината е минималистички уредена, со нагласени хоризонтални линии и чист распоред на командите, додека акцентот е ставен на практичноста и чувството на просторност.
Шкода комбинира модерна дигитализација со класични физички копчиња, па Epiq ќе располага со голем централен екран, но и традиционални контроли за најважните функции. Во ентериерот се забележува и „лебдечка“ централна конзола со безжичен полнач за телефон, како и бројни прегради за складирање, типични за „Simply Clever“ решенијата на брендот.
Моделот ќе биде позициониран како најдостапниот електричен SUV на Шкода, а светската премиера е закажана за 19 мај 2026 година во Цирих. Epiq ќе биде дел од новата генерација мали електрични возила на Volkswagen Group и се очекува да понуди автономија поголема од 400 километри.
Според досегашните информации, серискиот модел ќе задржи голем дел од деталите прикажани на концептот, вклучувајќи компактни димензии од околу 4,1 метар и рационално искористен простор во кабината.