Опел официјално се враќа во сегментот на вистинските „hot hatch“ модели, но овојпат целосно на струја. Новата Opel Corsa GSE со 281 коњска сила е најмоќната сериска Corsa во историјата, а воедно и најбрзиот сериски Opel што моментално се нуди.
Електричниот спортски модел развива 207 kW односно 281 КС и 345 Nm вртежен момент, кои се испраќаат кон предните тркала. Забрзувањето од 0 до 100 km/h трае само 5,5 секунди, додека максималната брзина е електронски ограничена на 180 km/h.
Opel со овој модел директно влегува во новата генерација електрични спортски компактни автомобили, каде конкуренција ќе му бидат модели како Alpine A290, Peugeot E-208 GTi и идниот Volkswagen ID. Polo GTI.
Новата Corsa GSE добива сериозни механички подобрувања за спортско возење. Моделот е опремен со Torsen механички диференцијал со ограничено пролизгување, поцврста и пониска спортска суспензија, специјално подесено управување и моќни Alcon сопирачки со четири клипови.
Батеријата има нето капацитет од 51 kWh, а очекуваниот досег е околу 350 километри според WLTP циклусот. Иако тежината од околу 1.550 килограми е значително повисока од старите бензински „hot hatch“ модели, Opel тврди дека ниското тежиште и подесувањето на шасијата обезбедуваат многу динамично возачко искуство.
Дизајнерски, Corsa GSE добива поагресивен изглед со редизајнирани браници, црн покрив, спортски спојлер и 18-инчни тркала. Во кабината се наоѓаат спортски седишта, Alcantara детали, алуминиумски педали и жолти акценти кои дополнително го нагласуваат спортскиот карактер.
Јавната премиера на моделот ќе се одржи на Саемот за автомобили во Париз во октомври, а првите испораки се очекуваат кон крајот на 2026 година.
Реакциите кај ентузијастите се поделени. Дел од фановите сметаат дека електричната Corsa GSE успешно го продолжува духот на легендарните GSi и OPC модели, додека други жалат што новата генерација спортски Opel модели повеќе нема бензински мотор и мануелен менувач.