Ламборџини го претстави најекстремниот кабриолет во својата историја

Италијанскиот производител на суперавтомобили Lamborghini официјално го претстави новиот Lamborghini Fenomeno Roadster – најмоќниот и најекстремен отворен модел што компанијата некогаш го произвела.

Станува збор за ултраексклузивен модел од серијата „Few Off“, наменет за најлојалните и најбогати колекционери на брендот. Производството ќе биде ограничено на само 15 примероци, а според странските медиуми сите автомобили веќе се распродадени и покрај цената која надминува пет милиони евра.

Новата Roadster верзија е базирана на купето Fenomeno претставено минатата година, но без покривот и со уште поемоционално возачко искуство. Под карбонската каросерија се наоѓа plug-in hybrid погон со атмосферски 6.5-литарски V12 мотор и три електромотори, со вкупна моќност од околу 1.080 КС.

Перформансите се на ниво на хиперавтомобил. Забрзувањето од 0 до 100 km/h трае само 2,4 секунди, додека максималната брзина надминува 340 km/h.

Дизајнот е инспириран од борбени авиони и легендарни Lamborghini модели како Lamborghini Reventón Roadster и Lamborghini Veneno Roadster. Автомобилот добива драматични аеродинамички елементи, огромни отвори за воздух, активен заден спојлер и екстензивна употреба на јаглеродни влакна за намалување на тежината.

Во кабината доминира футуристички кокпит инспириран од авијацијата, со дигитални дисплеи, карбонски детали и можност за целосна персонализација преку програмата Ad Personam.

Со Fenomeno Roadster, Lamborghini јасно покажува дека и во ерата на електрификацијата нема намера да се откаже од драмата, звукот и емоциите што ги нуди V12 моторот. Компанијата неодамна потврди дека го одложува развојот на целосно електричен суперавтомобил, бидејќи клиентите и понатаму преферираат хибридни модели со класичен мотор.

НАЈНОВИ