Wolkswagen официјално го претстави ID. Polo GTI – првиот целосно електричен модел што ја носи легендарната GTI ознака. Новиот спортски хечбек претставува почеток на нова ера за GTI семејството, точно 50 години по дебито на оригиналниот Golf GTI.
ID. Polo GTI користи електромотор со 226 КС и 290 Nm вртежен момент, кој ја придвижува предната оска. Според Volkswagen, автомобилот забрзува од 0 до 100 km/h за 6,8 секунди, додека максималната брзина изнесува 175 km/h.
Електричниот GTI е опремен со батерија од 52 kWh, која овозможува автономија до 424 километри според WLTP циклусот. Брзото DC полнење поддржува моќност до 105 kW, а полнењето од 10 до 80 проценти трае околу 24 минути.
Volkswagen посветил големо внимание и на возната динамика. ID. Polo GTI доаѓа со адаптивна DCC спортска суспензија, електронска блокада на предниот диференцијал и специјален GTI режим на возење што ги менува поставките на управувањето, суспензијата и реакцијата на погонот.
Во ентериерот доминираат спортски седишта со ретро GTI детали, дигитална инструмент табла и голем инфозабавен екран. Volkswagen комбинира модерна технологија со елементи инспирирани од класичните GTI модели, вклучувајќи црвени декоративни линии и специфична графика на дисплеите.
Новиот ID. Polo GTI ќе се произведува во Шпанија, а продажбата во Европа започнува кон крајот на 2026 година. Според првичните информации, цената во Германија ќе стартува од околу 39.000 евра.