Птичјиот измет може сериозно да го оштети лакот на автомобилот ако не се исчисти навреме

Иако многумина го сметаат само за естетски проблем, птичјиот измет може сериозно да го оштети лакот и заштитниот слој на автомобилот доколку остане подолго време на каросеријата. Експертите предупредуваат дека киселините во изметот, особено во комбинација со сонце и високи температури, можат за само неколку часа да предизвикаат трајни оштетувања на бојата.

Проблемот е најизразен во летните месеци, кога жештината дополнително ја забрзува реакцијата меѓу изметот и заштитниот clear coat слој. Ако не се отстрани навреме, може да се појават дамки, губење на сјајот, па дури и трајни „врежани“ траги на лакот.

Експертите советуваат изметот никогаш да не се брише на суво, бидејќи честичките и нечистотиите можат да создадат ситни гребнатини. Наместо тоа, потребно е прво да се омекне со вода или специјален спреј, а потоа внимателно да се избрише со мека микрофибер крпа.

Дополнителен проблем претставува паркирањето под дрвја, каде освен птичји измет, автомобилот е изложен и на смола и други нечистотии што можат дополнително да го оштетат лакот.

Авто-деталерите препорачуваат редовно миење и нанесување восок или керамичка заштита, бидејќи тие создаваат дополнителен слој што го намалува ризикот од оштетување.

НАЈНОВИ