Дополнителните светла и магленки денес се речиси задолжителен дел од изгледот на adventure мотоциклите. Но, дали тие навистина помагаат при возење или се само уште еден визуелен додаток?
Според експертите од сајтот Polovni automobili, вистината е некаде на средина – квалитетните дополнителни светла можат значително да ја подобрат безбедноста, но многу возачи всушност користат светла кои технички и не се вистински магленки.
Вистинските магленки имаат специфичен, широко поставен и ниско насочен светлосен сноп, наменет за возење во магла, дожд или снег. Најдобри резултати обично дава жолтата или топло белата светлина, бидејќи подобро „пробива“ низ маглата и дождот. Силните бели LED светла често изгледаат модерно, но во лоши временски услови можат дури и да ја намалат видливоста поради расфрлање на светлината.
Сепак, дополнителните светла на мотоцикл имаат и реални предности. Со два дополнителни извори на светлина, моторот визуелно изгледа поширок и полесно забележлив во сообраќајот. Тоа може да помогне другите возачи полесно да ја проценат неговата оддалеченост и брзина, особено ноќе или при самрак.
Дополнителна придобивка е подобрата осветленост на патот. Правилно поставените светла можат подобро да ги осветлат рабовите на патот, каде често се појавуваат животни, дупки или други опасности што стандардните светла потешко ги забележуваат.
Експертите предупредуваат дека не секое дополнително светло е исто. Постојат:
* flood светла – широк сноп за блиска околина,
* spot светла – тесен сноп за далечина,
* DRL дневни светла,
* вистински fog lights – специјализирани магленки.
Проблем може да настане ако светлата се неправилно вградени. Дополнителните потрошувачи ја оптоваруваат електричната инсталација, а неквалитетна монтажа без осигурувач и реле може да предизвика сериозни дефекти, па дури и пожар.
Затоа, стручњаците советуваат:
* да се користат квалитетни LED светла,
* монтажата да биде професионална,
* светлата да бидат правилно насочени,
* да не се користат премногу силни светла што ги заслепуваат другите учесници во сообраќајот.
Иако магленките не се законски задолжителни, многу моторџии ги сметаат за корисен безбедносен додаток – особено при ноќно возење и подолги патувања. Сепак, тие не се магично решение за проблемот „не те видов“, бидејќи вниманието на другите возачи и понатаму останува најважниот фактор за безбедност на моторџиите.