Многу возачи автоматски мислат дека најскапиот програм во автоперална е и најдобар за автомобилот. Но, според германскиот авто-клуб ADAC, тоа не секогаш е точно – во одредени ситуации поскапите програми можат дури и да му наштетат на возилото.
Експертите наведуваат дека основните програми за перење често се најпрактичниот избор, но под еден важен услов – да содржат претперење. Токму оваа фаза е најважна бидејќи ги омекнува и отстранува песокот, калта, солта и ситните честички кои подоцна можат да го изгребат лакот при главното перење.
Претперењето најчесто се изведува со активна пена или вода под висок притисок и претставува прва линија на заштита за каросеријата. Без оваа фаза, четките и сунѓерите можат да делуваат како шмиргла врз лакот.
Поскапите програми обично нудат дополнителни опции како:
– перење на подвозје,
– повеќекратно воскирање,
– полирање,
– сушење со топол воздух,
– специјални заштитни премази.
Сепак, ADAC предупредува дека овие додатоци не се секогаш неопходни. Кај постарите автомобили, интензивното перење на подвозјето може да биде проблематично бидејќи влагата може да навлезе низ оштетени делови и да предизвика корозија. Кај поновите автомобили, подвозјето најчесто е заштитено со пластични панели, па дополнителното миење има ограничен ефект.
Од друга страна, експертите советуваат да не се прескокнува восокот. Заштитниот слој може да помогне против UV зрачење, птичји измет, смола и други нечистотии, а ефектот обично трае од три до шест месеци.
На Reddit и автомобилските форуми, многу ентузијасти препорачуваат комбинација од активна пена, рачно миење со сопствена микрофибер ракавица и восок, наместо агресивни четки во автоматските перални. Дел од корисниците предупредуваат дека современите автомобили имаат многу почувствителен лак отколку порано.
Експертите советуваат:
– секогаш да се избира програма со претперење,
– да не се користат агресивни четки,
– редовно да се нанесува восок,
– птичји измет и инсекти да се отстрануваат што е можно побрзо,
-да не се претерува со скапите програми ако нема реална потреба.
Заклучокот е едноставен – најскапиот програм не мора да биде и најдобар. Во многу случаи, добро претперење и основен програм со восок се сосема доволни за безбедно и ефикасно одржување на автомобилот.