Електричниот Ferrari Luce: Критиките не запираат, но нарачките пристигнуваат

#

Првиот целосно електричен Ferrari, наречен Luce, продолжува да предизвикува жестоки дебати во автомобилскиот свет. Додека критиките за дизајнот и концептот не стивнуваат, од Маранело тврдат дека интересот од купувачите е силен и дека првите нарачки веќе пристигнуваат.

Извршниот директор на Ferrari, Benedetto Vigna, изјави дека компанијата бележи „силен интерес, вклучително и од нови клиенти“. Според него, веќе се примаат уплати за резервации, а дел од посетителите кои присуствувале на премиерата веднаш изразиле желба да го купат автомобилот.

Сепак, реакциите по претставувањето беа далеку од едногласно позитивни. Акциите на Ferrari паднаа за повеќе од 8 проценти по премиерата, а бројни фанови и аналитичари оценија дека Luce премногу се оддалечува од традиционалниот Ferrari идентитет.

Главните критики се насочени кон дизајнот. Моделот има пет седишта и четири врати, што е невообичаено за Ferrari, а неговиот изглед на социјалните мрежи беше споредуван со различни електрични автомобили од масовниот сегмент, вклучувајќи го и Nissan Leaf.

Дополнително масло на огнот долеа и поранешниот претседател на Ferrari, Luca Cordero di Montezemolo, кој јавно изрази незадоволство од новиот модел и предупреди дека Ferrari ризикува да ја наруши сопствената легенда.

Од Ferrari, пак, категорично ги отфрлаат обвинувањата дека Luce е копија на некој друг електричен автомобил. Вигна нагласува дека моделот нуди уникатно искуство, како во дизајнот така и во перформансите, и дека не може да се спореди со кој било друг EV на пазарот.

Luce е првиот сериски електричен Ferrari и чини околу 550.000 евра. Автомобилот користи четири електромотори со повеќе од 1.000 коњски сили, достигнува 100 km/h за околу 2,5 секунди и има автономија од приближно 530 километри.

Колку навистина е голем интересот ќе стане појасно во јули, кога Ferrari ќе ги објави официјалните податоци за бројот на примени депозити и нарачки. Тогаш ќе се види дали контроверзниот Luce е само интернет сензација или почеток на нова успешна ера за најпознатиот италијански производител на спортски автомобили.

НАЈНОВИ